Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во ексклузивно интервју за „Нова Македонија“ познатиот бизнисмен вели дека првенствено најбитно му е да бидат обесштетени сите коминтенти на банката, а ако остане нешто за акционерите, а не верува, ќе биде благодарен. Но додава и дека со оглед на случувањата кон банката се кае што своето богатство го вложил во Македонија. За Управниот одбор, кој 10 години раководел со банката, Костовски вели дека акционерите жедни ги пренел преку вода, правејќи малверзации од невиден размер. „Тие беа Управен одбор од типот волк во јагнешка кожа“, нагласува Трифун Костовски во ексклузивното интервју за „Нова Македонија“

Трифун Костовски, сопственик на Еуростандард банка

За причините за затворањето на Еуростандард банка, обидите за нејзин спас пред одлуката за стечај, како и за сите други случувања поврзани со судбината на банката и штедачите разговараме со нејзиниот сопственик и најголем акционер, Трифун Костовски. Како инвеститор во оваа банка, Костовски зборува за обидите да се спаси банката, но и за разочарувањето поради инвестирањето на своите средства во Македонија…

Кои се главните причини за пропаѓањето на банката, дали се преземени сите мерки за да се спаси истата таа?
– Ние како акционери, со новиот Управен одбор, посветено работевме и ги преземавме сите потребни мерки за да се санира банката и за да се најдат стратегиски партнери, кои ќе го обезбедат нејзиното стабилно работење. Одлуката за стечај, според нас, акционерите и веќе неактуелниот Управен одбор, беше неисправна и неиздржана. Банката преземаше силни чекори и на повидок беше влегување и вклучување на стратегиски партнер, кој Народната банка на Република Македонија, за жал, не го удостои ниту со обичен прием за да ги сослуша неговите предлози, иако уште претходно НБРМ ги имаше на увид неговата финансиска моќ и капиталот подготвен за влез во банката.

Во јавноста беше посочено дека биле нарушени системски работи во работењето на банката. Може ли да ни посочите кои сегменти биле нарушени?
– Со новиот Управен одбор успеавме да ги санираме сите внатрешни системски проблеми за да може банката да работи со полн капацитет. Тоа беше повеќе од доволно како видлив факт и гаранција за понатамошното стабилно работење на банката.

Според вас зошто не е направен обид да се спаси банката, да се санираат штетите, туку се оди кон ликвидација и стечај? Зошто не е побарано административно управување и водење на банката?
– Кооперативноста од наша страна како акционери во банката во релацијата со Народна банка беше целосно транспарентна, со многу отвореност и доверба. Ние бевме достапни 24/7, а за аргументите за преземениот стечај или административното управување и водење на банката обратете се кај гувернерката, бидејќи нејзино е да ги објасни своите постапки.

Што ќе се случува со капиталот на банката, имаше доста информации за залог на управната зграда, па деманти, може ли да ни посочите чија е зградата и дали истата таа влегува или ќе се изземе од стечајната маса?
– Банката во поглед на ликвидноста и капиталот беше стабилна и убеден сум дека ќе бидат намирени сите засегнати страни.
Споменавте потенцијален инвеститор, кој, според вас, бил сигурен и заинтересиран за инвестирање во банката, зошто не беше дозволено да се направи тоа, ниту, пак, да биде презентиран инвестицискиот план?
– Потенцијалниот инвеститор веќе два месеца беше во постојана преписка со нас како акционери и со Народна банка на Република Македонија, но на Народна банка не ѝ одговараше неговиот бизнис-план за санирање на банката, поради што ние како акционери само два дена пред објавувањето на стечајот предложивме да бајпасираме нови 2,2 милиони евра, само со намера Народна банка да го прими потенцијалниот инвеститор на средба за да најдат заедничко решение за банката.

Со оглед на големата загуба со која се соочувате сега поради затворањето на банката, дали се каете што вашето богатство сте го вложиле во Македонија?
– Да, немам друг коментар.

Медиумите ја пренесоа вашата порака: „Гол сум дошол на овој свет, гол ќе си одам“, но остана нејасно дали имате скриена порака во истата таа и дали има дообјаснување со неа?

– Немам што да додадам и нема ништо скриено зад таа порака. Едноставно, човек треба стоички и подготвено да ги дочека сите искушенија во животот и достоинствено да го понесе секој товар што му се наметнува врз плеќите. Треба да се понесе секоја опачина што животот ја носи со себе…
Во екот на финансиската криза, голем број земји пристапија кон спасување на банкарскиот сектор, па државите издвојуваа пари за нивно спасување. Како гледате на ваквите мерки и дали сметате дека имаше простор да се постапи слично и во сегашниот случај при носењето на одлуките за Еуростандард банка?

– Вонредната состојба по повод пандемијата, која го затекна целото стопанство и каде што со уредби се забранија принудните наплати на банката во своите побарувања, дополнително ја усложнија ситуацијата и ако за сите правни субјекти важеше вонредната состојба за Еуростандард банка НЕ, не важеше. Народна банка воопшто не го почитуваше тоа, туку напротив инсистираше да се докапитализира банката во согласност со предвидената динамика во услови на вонредна состојба, но ние акционерите бевме спречени токму од пандемијата што владееше во целиот свет. Само за информација на јавноста, пред стапување на пандемијата во сила, адекватноста на банката не беше на ниво за преземање ваква драстична мерка, бидејќи ситуацијата на банката пред две години беше многу полоша за отворање стечајна постапка отколку денес. Новиот Управен одбор и ние акционерите бевме убедувани од Народна банка дека ќе бидеме поддржани во санирањето на банката.

Токму врз основа на таквиот тек на разговорите со Народна банка, ние акционерите вложивме нови 11 милиони евра свежи пари како докапитализација. Затоа, Народна банка нека ви одговори на сосема едноставното прашање зошто ја однесоа Еуростандард банка во стечај, бидејќи во ниту еден момент не го загрозивме банкарскиот сектор ликвидно, не го загрозивме ниту сервисот кон правните и физички лица и признавам и ден-денес не можам да се освестам од оваа целосно неразумна и надвор од умот одлука на Народна банка.

Дали има нешто што би направиле поинаку сега и кое е, според вас, најдоброто решение што нема да биде на штета на граѓаните и коминтентите?
– Би го направил истото што го правев последните 2 години за да ја спасам банката. Вината на акционерите е што не успеавме да создадеме силен Управен одбор што ќе ја направи банката во согласност со нашите акционерски барања.

Најголем дел од стечајните постапки во земјава завршуваат со ликвидација наместо со санација. Како сметате дека ќе заврши сега стечајната постапка, какви се вашите очекувања и коментар на оваа тема?
– Отворањето на стечајна постапка врз Еуростандард банка, со најпрости зборови, според мене, е најобичен грабеж, бидејќи ниту една стечајна постапка не завршила брзо и ефикасно. Првенствено, најбитно ми е да бидат обесштетени сите коминтенти на банката, а ако остане нешто за нас, а не верувам, ќе бидам благодарен.

Светските модели на банкарско управување предвидуваат и заштита на банките од кредитори. Дали ваков модел би ја спасил банката и кај нас?
– Светските модели за банкарско управување, за жал, во Македонија не важат. Како и со сѐ друго во оваа земја, така и во банкарскиот систем важат желбите на поединци и политички партии.

Во изминатиов период посочивте дека една од причините за лошите резултати на банката е и лошото менаџирање на Управниот одбор. Како се дозволи банката да западне во големи долгови, дали преку кадровските решенија можеше да се најде друг модел и пристап со кој ќе имавте поголем увид во состојбите за понавремено да реагирате на истите тие?
– За Управниот одбор, кој 10 години раководеше со банката, би изрекол две мудрости – НАС АКЦИОНЕРИТЕ ЖЕДНИ НЀ ПРЕНЕСОА ПРЕКУ ВОДА, правејќи малверзации од невиден размер. Тие беа Управен одбор од типот ВОЛК ВО ЈАГНЕШКА КОЖА. Со оваа моја изјава јас не барам амнестија за мојата лоша процена и сакам да завршам дека од моја страна на цивилизиран начин, војната со Народна банка допрва почнува, бидејќи правдината мора да излезе на виделина.