Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција извести дека на 9-ти ноември, Република Северна Македонија официјално стана 13 земја членка на Организацијата за црноморска економска соработка, позната по кратенката „БСЕК“ (BSEC).

– Оваа организација покрива три различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри. Обемот на трговијата во рамки на БСЕК изнесува приближно 170 милијарди долари годишно, а важно е да се потенцира и дека БСЕК го претставува вториот најголем извор на нафта и природен гас по регионот на Персискиот Залив, со што претставува еден од главните снабдувач на енергија за Западна Европа – истакна Османи, набројувајќи го опсег на сферите на соработка помеѓу земјите членки на организацијата: трговијата и економскиот развој; банките и финансиите; комуникацијата; енергијата; транспортот; земјоделството и агро – индустријата; здравствената и фармацевтска грижа; заштитата на животната средина; туризмот; науката и технологијата итн.

– Секое идно планирање на мега проекти од областа на инфраструктурата или енергетиката кои географски ќе потекнуваат од БСЕК, ние ќе можеме одблиску да ги следиме, и да се вклучиме како корисник. Тоа секако создава и нови услови и можности за привлекување странски инвестиции, како и создавање дополнителен потенцијал за домашните бизниси, особено за оние кои се извозно ориентирани – истакна Османи, додавајќи дека четири од нашите пет соседни земји веќе се членки во организација.

Во продолжение Османи информираше дека Република Северна Македонија поднела кандидатура за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ во 2023 година.

– Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, понапредно и повидливо меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, создавајќи притоа и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја – членка на НАТО и идна земја – членка на ЕУ – истакна Османи, посочувајќи дека претставува и можност за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во рамките на претстојниот процес на преговори за полноправно членство.