Со изградбата автопатот Скопје-Блаце, од Скопје до Приштина и обратно ќе се патува за помалку од еден час, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Тој претседаваше со првиот Министерски состанок, на кој се разгледаа можностите и се идентификуваа првичните чекори за навремена подготовка и реализација на проектот за Изградбата на патниот правец Скопје – Блаце.

– Проектот „Скопје – Блаце“ е комплексен проект со кој се предвидува изградба патна инфраструктура по сложен терен на кој е предвидена изградба на неколку тунели и мостови, аквадукти и други придружни елементи. Со изградбата на овој автопат и негово поврзување со автопатот Приштина – Блаце, чија изградба е во тек, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку два часа на помалку од еден час – рече Османи.

Според него, овој проект е важен во насока на регионално поврзување на Република Македонија.

– Автопатското поврзување со Приштина претставува проектот од исклучително значење за економското, социјалното и културното поврзување на Република Македонија со регионот – изјави Османи.