Осигурителната индустрија во нашата земја во последнaта декада забележа огромен пораст во сите сегменти на своето функционирање: бруто-полисираната премија (БПП), број на продадени договори за осигурување, поголема исплата на штети, пораст на капиталот, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата, како и поголема профитабилност на друштвата за осигурување.

Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, истакна дека во 2018 година е остварена БПП во вкупен износ од 9,93 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 10,40 отсто во однос на претходната година.

Во текот на 2018 година друштвата за осигурување склучиле 1,4 милион договори, при што се забележува пораст од 6,55 отсто.

– Втора поголема категорија во структурата на БПП претставува осигурувањето на имот со 17,31 отсто учество, со остварен пораст од 19,68 отсто, додека доброволното осигурување патнички возила (каско), кое учествува со 8,03 отсто во вкупната БПП, оствари зголемување од 5,42 отсто со БПП – вели Попоски.

Тој додава дека во минатата година се забележува голем подем и во продажбата на здравственото осигурување. Остварена е БПП од 125,71 милиони денари, што претставува пораст од 116,37 отсто во однос на претходната година.

Кај осигурувањето живот се забележува пораст на приходите од 15,48 отсто во однос на претходната година со остварена БПП од 1,67 милијарда денари, со што продолжува трендот на двоцифрена стапка на пораст на приходите.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, истакна дека осигурителната индустрија во Македонија континуирано се развива и станува исклучително конкурентна и динамична, што, секако, придонесува за подобрување на квалитетот на услугите што се нудат.

– Генерално, осигурителниот пазар во Македонија сѐ уште има простор за пораст, особено во незадолжителните класи на осигурување, и тоа кај осигурувањето на имот и на живот, приватното здравствено осигурување и посебно осигурувањето од професионална одговорност, имајќи ги предвид сѐ поголемиот интерес и поголемата едукација на граѓаните за потребата од осигурување – нагласува Војновиќ.

Според него, еден од најзначајните сегменти во осигурувањето е доброволното приватно здравствено осигурување, кое во последните години доживува вистинска експанзија, за што Здружението на осигурувањето достави иницијатива за даночни олеснувања, бидејќи како уникатен финансиски производ опсегот на ризиците што ги покриваат пакетите и продуктите што ги нудат сѐ повеќе се препознава како голема придобивка за граѓаните.

Дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација е еден од најважните и најнеизбежни предизвици со кои се соочува и осигурителната индустрија во моментов.

– Оттука, за да ја олеснат интеракцијата со клиентите и да ги направат услугите подостапни, но и за да понудат едноставна и брза услуга, сѐ поголем број осигурителни друштва овозможуваат и онлајн-обновување на полисите за осигурување од автоодговорност, пријавување штета, следење на нејзиниот статусот, полиси за патничко осигурување и други услуги, со што во земјава почна практиката што веќе подолго време е присутна на поразвиените пазари – истакна Војновиќ. Е.Р.