Организации на земјоделците – фактор на конкурентност

Формирањето на организациите на земјоделците пред сѐ зависи од нивната иницијатива и мотивација. Кај нив претежнува претпоставката при зачленувањето дека нема да има ризик во производствениот процес и во реализацијата на производите, како и стабилизација на производствените услови и можности.
Во услови на динамична и висококонкурентна средина, видливите промени во развојот на земјоделството претставуваат нов пристап и принципи при реализацијата на стопанската активност. Најголем број производители во земјоделството немаат или имаат ограничен пристап до пазарите на ресурсите, до финалната продукција, како и до информациите за новите производствени технологии и практиката. Врските со другите учесници во производствениот синџир се препорачани од непостоењето на адекватни пазарни структури и увид во стопанските активности. Тие се сериозни причини за забавување на пазарната интеграција и во хоризонтален и во вертикален правец.

И покрај очигледните тешкотии, во последните години се очекуваше да се формираат и кај нас организации на земјоделци што се претпоставка за одржливо формирање економски врски во земјоделството, пораст на рентабилноста и гаранција за стабилни приходи на земјоделските стопанства. За жал, тоа не се случува со производствени организации на земјоделците, туку настанаа извесен број кооперативи, чие влијание во развојот на земјоделството е незабележително. Да се откријат причините за тоа и можностите да се промени состојбата на подобро се потребни истражувања како што се:
– анализа на суштината на организациите;
– релации помеѓу неокласичната и новата институционалната теорија и практика, односно врска помеѓу организациската форма и ефективноста;
– да се предложат решенија и препораки како да се настапува понатаму и какви се можностите и кај нас да се формираат производствени организации (задруги, кооперативи и слично).

Кај нас нема речиси никакви истражувања во земјоделската економија, но и во овој сегмент, затоа ќе се обидам да ја претставам суштината на организацијата на земјоделците и некои теоретски поставки. Организациите на земјоделските производители претставуваат групи производители формирани на територијален или производствен принцип по иницијатива и доброволен избор на самите производители што имаат специфични долгорочни цели и, независно од правната форма, членовите на организацијата работат колективно за нивното остварување.

Формирањето на организацијата на земјоделците претставува подобрување на економскиот статус на членовите, долгорочни позиции на пазарот, ефективно организирање на производството, маркетинг и реализација на земјоделските производи. Во согласност со воспоставените (прифатените) управувачки и административни потфати, земјоделските производители може да сметаат на полна реализација на нивното производство, пазарни истражувања и приспособување кон барањата на пазарот, подобрување на квалитетот на производството, договор за праведни цени со доставувачи и побарувачи. Договорените меѓусебни разбирања осигуруваат конкурентни пазарни позиции, транспарентност на трговската дејност, протекционизам во интерес на земјоделците.

Изучувањето на постојните организации и нивното приспособување кон промените и динамиката во земјоделството бара средства и квалитетни анализи, кои јасно ќе го одразуваат развојот на индивидуалните земјоделски производители. Важна променлива форма што учествува во таа анализа се организациската форма и постојните договорени меѓусебни разбирања. Традиционалната неокласична теорија опфаќа само некои аспекти на ефикасноста и нејзиното влијание врз економскиот развој. Трансформацијата на производствените фактори може да се координира како во рамките на индивидуалното стопанство, така и во хиерархиски поставената организација или во други хибридни договарања. Дефинирањето на ефективните граници во економската литература се базира на два елемента: трансакциските трошоци поврзани со организациската форма и економиите што ја определуваат технички оптималната големина на производството. Новата институционална економија ги одредува границите на постојните организациски форми, почитувајќи ги нивната внатрешна структура и деловите за учество. Се бара онаа форма на производствената организација кај која трансакциските трошоци се минимални. Таа претпоставува само влезни ресурси да се искористени оптимално, но и да се високоспецијализирани и искористени во соодветна фаза на производство.

Истражувањата преку анализи на факторите што ја формираат средината во која земјоделските производители ја развиваат својата стопанска активност, како и можностите и ограничувањата што ги предвидуваат, откриваат две нивоа: на ниво на организација на земјоделските производители се користат „Теорија на приципалот и агентот“ и „Теорија на трансакциските трошоци“. Тие аграрни структури се разгледуваат како специфичен избор на договорни односи и алтернативи на остварување директна размена. Прашање на индивидуален избор е дали земјоделските производители ќе решат да организираат заедничка реализација на готовата продукција или самостојно ќе бараат можности за излезот на пазарот.
На ниво на земјоделски производители, за утврдување на нивната ефективност се користи пристап без параметри (Coelli et al.,1998) или „Анализа со опфат на податоци“. Анализата не бара претходно дефинирани производствени функции. Предности над параметрискиот потфат се можноста да се манипулира истовремено со производствените ресурси и крајните резултати претставени во различни мерни единици. Методот се базира на детерминирачки пристап, кој кај сите отстапувања од определена производствена граница се поврзува со неефективноста.

Ефективноста на земјоделското стопанство претставува можност да се произведе максимално количество краен производ при фиксирани нивоа на производствени фактори, или техничка ефективност на крајниот производ. И обратно, при претпоставено ниво на очекуван краен производ, да се минимизираат користени ресурси или техничка ефикасност на производствените ресурси. Двете поставки се еднакво важни при исполнет услов за постојана економија, кога ќе се прифати дека стопанските единици функционираат во својата оптимална големина. Вистина е дека надворешните фактори како нелојална конкуренција, државна регулатива и друго може да бидат причина производството да биде под оптималниот капацитет.