Одделни елементи на бесцаринските бариери се постојана тема на разговори / Фото: Игор Бансколиев

Не смее да се дозволи создавање впечаток дека постоењето на мини-шенген ги попречува процесите на секоја поединечна држава во преговорите со ЕУ, е едно од предупредувањата испратени од конференцијата на која се дебатираше за можностите на регионалното поврзување

Никој не треба да се плаши од заедничкиот регионален пазар, порачаа меѓу другото, учесниците на економскиот дел од самитот „Ре-сет“, кој во организација на „Адрија медија груп“ и на Стопанската комора на Србија деновиве се одржува во Белград. Овој заклучок, како што пренесоа тамошните медиуми, дојде како одговор на одредени стравувања дека во балканскиот мини-шенген, чиј дел е и Македонија, Србија би можела да се наметне како доминантен фактор. Со дебатата беа опфатени вкупно осум онлајн конференции.
Модераторот на панелот Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на српската стопанска комора, изјави дека единствениот заеднички пазар и усогласувањето на регулативите се спроведуваат стриктно според моделот и стандардите на ЕУ.
– Знаеме дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат на различни степени на хармонизација и преговори со Унијата. Владите се обврзаа на носење регулативи што ќе му овозможат на Западен Балкан отворен пристап до единствениот пазар на ЕУ. Ова може да се случи – а ние сесрдно се залагаме за тоа – дури и пред добивањето статус на полноправно членство на одделни држави во ЕУ – објасни тој.

Доминацијата на Србија не треба да создава страв

Генералниот секретар на Инвестицискиот форум на Стопанската комора на Косово и нејзин поранешен претседател, Сафет Герџалиу, истакна дека ситуацијата предизвикана од ковид-19 претставува голем предизвик, но истовремено отвора и нови можности.
– Мора да бидеме економски подготвени. Се случија два важни настани – спогодбата од Вашингтон и самитот под претседавање на Софија и на Скопје. Регион што не се базира врз соработка нема никаква перспектива. Најголем проблем е политизацијата. Потребна ни е помош од политичкиот естаблишмент за промоција на заедничкиот пазар. Чинам дека е време дијалогот да стане најсилно оружје за рушење на сите бариери. Поуката што ќе ја извлечеме од оваа конференција гласи дека никој не треба да се плаши од заедничкиот пазар. Наедно, мора повеќе да ги провоцираме институциите на ЕУ, секако, во позитивна смисла и да ги „натераме“ да покажат поголема флексибилност, генерирајќи на тој начин т.н. вин-вин ефекти – порача Герџалиу.
Истовремено, тој истакна дека секогаш е присутен некаков страв од мини-шенгенот, бидејќи преовладува мислењето дека Србија ќе доминира во него.
– Секогаш правам споредба со Договорот од Рим, прашувајќи се што ќе се случеше доколку европските држави тогаш кажеа дека не сакаат да бидат дел од шенген и ЕУ, само затоа што германската економија беше толку многу развиена. Лично сметам дека ова е одлична можност и шанса за соработка – заклучи Герџалиу.

Усогласување на документацијата, инфраструктурата и дигитализацијата

Амар Јајетовиќ, главен менаџер на производителот на минерална вода „Сараевски кисељак“, истакна дека регионот на Западен Балкан е клучен за оваа компанија.
– Наши главни бизнис-партнери се Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија. Со нив соработуваме со години, а во тек се преговори за извоз во Албанија и во Косово, така што формирањето заеднички пазар за нас би претставувало голема помош. Се судираме со сериозни пречки поради разликите меѓу овие држави. Стандардизацијата ни е голем предизвик, а неа тешко ќе ја реализираме без промени на политички и на економски план. Проблеми создаваат и сивата економија, некомпатибилноста на регионалните пазари, иселувањето на населението и лошите економски услови. Токму затоа најважен од сѐ е дијалогот, бидејќи само на тој начин можеме заеднички да ги решаваме проблемите – рече Јајетовиќ.
Според Марко Миланковиќ од групацијата НЕЛТ, усогласувањето на документацијата (сертификати, декларации, инспекциски извештаи) би овозможило слободно движење на стоки, капитал и услуги. Сепак, тој не заборави да ја истакне и важноста на инфраструктурата и дигитализацијата.
– Колку повеќе бараме од националните власти воведување дигитални потписи, фактури, идентификација и слично, толку подобро технолошки ќе го поддржиме сево ова за што дискутираме – смета Миланковиќ.
Понатаму, тој истакна дека не смее да се дозволи создавање впечаток дека постоењето на мини-шенген ги попречува процесите на секоја поединечна држава во преговорите со ЕУ.
– Мислам дека оваа теза е веќе неколкупати пласирана и дека не е точна -подвлече претставникот од НЕЛТ.

Скратено чекање на граничните премини, укинување на роамингот и пониски банкарски провизии

Михајло Весовиќ од Стопанската комора на Србија кажа дека постоењето на регионалниот пазар е неоспорен факт.
– Пазарот постои не само заради територијална, туку и заради деловна блискост, односно познавање на потрошувачките потреби и навики. Слободната трговија функционира во речиси 99 отсто од случаите, меѓутоа одделни елементи на бесцаринските бариери се постојана тема на разговори. Се водиме според моделот „ајде ние да бидеме тие што како бизнисмени ќе извршиме притисок врз политичарите.“ Во Софија се пласираа информации дека ќе се намали времето на чекање на граница. Се проценува дека ќе биде намалено дури за 70 отсто во период од три години. Тука е и прашањето за признавање на документите за квалитетот на стоката, како и за олеснето движење на работната сила, со оглед на фактот дека сите се соочуваме со недостиг од работници – нагласи Весовиќ.
Тој исто така најави укинување на роамингот до јули следната година, вклучувајќи и воведување пониски банкарски провизии при трансфер на пари во регионот. В.Б.Н.