Фото: Игор Бансколиев

Бројот на работниците секоја година опаѓа и ваквата состојба ги обесхрабрува сопствениците да вложуваат во нова опрема и во модернизација, што исто така е негативна појава

Текстилната индустрија, а особено производството на облека во последните десетина години се судира со постојано намалување на бројот на работници и намалување на конкурентската моќ. Намален е и бројот на учениците во стручните текстилни училишта. Платите во компаниите се многу ниски, се намалува и продуктивноста на вработените. Доколку не се најде стратегија за подобрување, упатените во овој сектор велат дека во следните години на Македонија ќе ѝ недостигаат стотици текстилни и чевларски работници.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) вели дека во ситуација кога повеќе од 90 отсто од производството и извозот се според системот на ЛОН, што подразбира ниско додадена вредност и многу ниски цени на услугите, кои нашите конфекции ги даваат на странските брендови, можностите за развој се ограничени.

– Единствена можност за опстанок е автоматизација на производството и зголемување на продуктивноста што ќе овозможи одржување на рентабилноста. За жал, последниве неколку години поради хроничниот недостиг од работници во овие сектори, многу работодавци немаат храброст да инвестираат и интересот го гледаат во инвестиции во други сектори – смета Димитров.

Тој тврди дека состојбата во текстилната и кожарската индустрија би можела да се спореди со лет на авион на кој му се изгаснати или уништени и двата мотора, велејќи дека тогаш летањето се сведува на едрилица, која ја носи ветерот, и на забрзувањето што го има.

– Бројот на работниците секоја година опаѓа и ваквата состојба ги обесхрабрува сопствениците да вложуваат во нова опрема и во модернизација, што исто така е многу негативна појава, а со тоа опаѓа и извозот во конфекциски единици – истакна Димитров.

Очигледно нашата текстилна индустрија не успеа да се трансформира од ЛОН-производство во изработка на сопствени брендови, додаде тој, и дека ваквата состојба станува пречка за идниот развој.

– Производството по принципот на ЛОН се пресели на Далечниот Исток и во најново време во некои поранешни советски републики каде што платите се многу пониски од платите во Македонија – вели Димитров.

Причините за сѐ помалиот број работници во оваа индустрија се иселувањето во странство и стареењето на населението. Оние работници што ќе отидат во пензија, ќе нема кој да ги замени. Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“ од Штип вели дека не може точно да се предвиди каква состојба ќе имаме во иднина, бидејќи зависи од повеќе фактори.

– Луѓето си бараат спас да се иселат, кој во Германија, кој во Швајцарија. Mногумина одат на сезонска работа во Италија, и бараат начин таму да останат. Текстилните работници попрво би работеле во некоја странска инвестиција отколку во конфекција.

Едноставно кај нив се регулирани додатоците на плата, исплата на К-15 во полн износ, како и 13-та плата. Но работата не е полесна од текстилна компанија, напротив. Да се отвори некоја странска инвестиција, која би нудела плата да речеме од 300 евра, работниците ќе бегаат за да работат таму – смета Ампева.

Како што нагласува таа, ако работодавците ги почитуваат работничките права, ако не ги избегнуваат обврските за плаќање, нема да имаат толкав одлив во странските фирми.

Според Ангел Димитров, досега владите многу малку направиле за развојот на овие сектори, иако во Стратегијата за развој на текстилната индустрија се предлага постепено заменување на ЛОН-производството со производство на сопствени брендови, во практика не се направени скоро никакви проекти да се помогне во овој процес.

– Единствена помош беше со приспособување кон повисоките минимални плати и финансиската помош за полесно справување. За жал, оваа помош се реализира во многу помал процент од планираната и денес разговараме за нова идеја, а тоа е замрзнување на придонесите во овие сектори во висина на придонесите, кои се плаќаат на минималната плата. Ако оваа идеја се реализира, тогаш ќе се создадат услови за зголемување на платите на работниците и намалување на трендот на селење на работниците во други сектори или надвор од земјата – нагласува Димитров.

Тој додава дека искуството од Турција и од Бугарија покажува дека трансформацијата на ЛОН-производството во производство на сопствен бренд не е можно без поддршка од државата.

– Мислам дека нашата држава веќе многу доцни со реализирање на ваквата поддршка и дека во идниот период шансите да го направиме тоа ќе бидат сѐ помали – вели Димитров.

Фото: Игор Бансколиев