Фото: Игор Бансколиев

Корона-кризата ги промени навиките на купувачите, но и на трговците

Според анализата што ја направи Асоцијацијата за е-трговија, македонските граѓани во првите три месеци годинава во домашните е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5 отсто) во однос на истиот период претходната година

Корона-кризата целосно го смени начинот на живеење, буквално во сите сегменти, а секторот трговија почна процес на целосна трансформација, така што сè поголем број граѓани посетите на дуќаните ги заменија со купување од дома. Препораките да се остане дома, некои од граѓаните ги сфатија крајно сериозно пренасочувајќи ја и работата, но и купувањето преку интернет.

Од друга страна, и трговците се адаптираа на новите состојби и сè повеќе своите услуги ги нудат преку таканаречените виртуелни продавници, каде што покрај виртуелната посета и преглед на производите, муштериите добиваат и солидни попусти.
– Првично онлајн купував од странските сајтови, најмногу преку „Али експрес“, „И беј“ и „Амазон“, но откако почна корона-кризата поради затворањето на границите се прекина ваквото тргување. Имав порачано неколку слики од „Али експрес“, но пратките заглавија некаде и не ги добив, иако претходно порачките ми стигнуваа за месец до месец и половина – вели Гордана Велковска од Скопје.

Таа додава дека изминатиот период целосно се префрлила на домашните е-продавници, порачувајќи ги производите што ѝ се потребни без да излегува од дома.
– Мене ми е страв од целата оваа ситуација, така што дури и работите што претходно ги купував од маркетите сега ги порачувам онлајн. Мислам дека тоа ќе стане нов начин на живот. Изгледа ќе заборавиме на трговските центри, ќе си купуваме од дома бидејќи при онлајн купувањето добиваме поголеми попусти и не се изложуваме на потенцијална опасност од зараза – појаснува Велковска.

Според анализата што ја направи Асоцијацијата за е-трговија, македонските граѓани во првите три месеци годинава во домашните е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5 отсто) во однос на истиот период претходната година.

– Пандемијата на коронавирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако има и затворањето на границите и комплексноста, која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи што потекнуваат, пред сè, од земји што беа со голем број заразени од ковид-19 – велат од Асоцијацијата за е-трговија.

Конкретно, 59,4 отсто од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија останале во земјава, додека 40,6 отсто од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство.
– Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во март 2020 кон е-продавници што функционираат во земјава. Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99 отсто во однос на март претходната година. Конкретно, годинава се реализирани вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции – наведуваат од Асоцијацијата.

Според нив, ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така, има огромен раст имајќи предвид дека во текот на март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании што продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2 отсто.

Во согласност со податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб-страници за е-трговија), заклучно со 31 март 2020 година, во државава се активни 1.078 продажни места. Станува збор за активно регистрирани виртуелни продажни места што се пријавени од страна на петте банки, кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. За период од три месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 58 новоотворени, покажува анализата на Асоцијацијата.