Олеснување на дел од мерките наменети за поддршка на компаниите зафатени од здравствено-економската криза наметната од ширењето на ковид-19 најави министерката за финансии Нина Ангеловска.
– Средствата се обезбедени со заем од Светската банка, во висина од 50 милиони евра. Додека работевме на тоа, ги слушавме сите предлози од коморите, од бизнис-заедницата, сопствениците на микро и малите фирми, и сите предлози и сугестии се вградени во мерката за исплата на минимална плата на работниците – кажа министерката Ангеловска и додаде дека целта е да се зачуваат работните места и ликвидноста на фирмите погодени од кризата со пандемијата.

Министерката најави дека ќе дозволат флексибилност во намалувањето на бројот на вработени, бидејќи добивале прашања од засегнатите страни што ако работникот сам напушти, доколку истекува договорот на работникот и слично.
– Се олеснува критериумот за задржување на бројот на вработени, односно со промената се олабавуваат условите за задржување на вработените. Првично во мерката беше укажано дека работодавецот треба да го задржи истиот број на вработени два месеца заклучно по користењето на мерката, односно до јули – рече министерката.

Сега, со флексибилноста е овозможено намалување на бројот на вработени до 15 проценти кај микро и малите компании, до 10 проценти кај средните компании и до 5 проценти кај големите компании.
– Со ова очекуваме да се зголеми опфатот на компании што ќе аплицираат и кои директно ќе помогнат и ќе ги задржат работниците – рече Ангеловска.
Втората промена е за да се поттикне поголема финансиска поддршка за компаниите од најпогодените сектори, угостителство, транспорт и туризам.
– Компаниите што имаат нула приходи во овој период може, покрај аплицирањето за мерката 14.500 денари, да ја користат и мерката за субвенционирање на 50 проценти од придонесите, која беше презентирана во првиот пакет антикризни мерки – објасни министерката.

Оваа мерка ќе можат да ја користат компаниите што немале загуба во последните две години (2018-2019), не се на листата на должници на УЈП (3.2020) и кои заклучно со 29.2.2020 не доцнеле со плаќање на обврските по основа на кредит подолго од 90 дена од денот на достасаноста.
Третата промена е поврзана со трансформирањето на финансиската поддршка во грант, па така микро, малите и средните компании нема да ја вратат добиената помош доколку ги исполнат условите и ако инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработените, надградба на просеци, продуктивен капитал.

Таа додаде дека работодавците со оваа мерка ќе добијат 14.500 денари по работник за финансирање на потребите за исплата на платите за април и мај, додека работниците ќе добијат извесност во смисла за задржување на работните места во време на корона-кризата.
На крајот од своето излагање, министерката Ангеловска појасни дека компанија што остварила загуба нема да ја врати финансиската поддршка. Фирма што забележала добивка во 2020 година ќе врати лимитиран износ до 50 проценти од добивката пред оданочувањето.