Околу 28 проценти од Европејците не можат да си дозволат една седмица одмор надвор од нивното место на живеење, а тој број се искачува на дури 60 проценти во групата на работници чии приходи спаѓаат под линијата на сиромаштија, покажува европската Студија на Синдикалната конфедерација.

Најголемите разлики меѓу работниците се забележани во Бугарија, Хрватска, Грција, Чешка, Франција и Романија. Според бугарските медиуми околу еден милион Бугари не можат да си дозволат одмор во текот на летото.

Зголемувањето на нееднаквоста покажува дека придобивките од економскиот раст во Европа во изминатата деценија не се рамномерно распределени, коментира помошникот генерален секретар на Синдикалната конфедерација, Естер Линч.

Од таму најавија дека се работи на подобрување на предлогот за европска директива со кој треба да се зголеми минималната плата во ЕУ, а Европскиот парламент ќе расправа по летната пауза. Синдикалната конфедерација се залага за воведување на праг на достоинство што ќе гарантира дека законската минимална плата не може да биде помала од 60 проценти од просечната плата, или помалку од 50 проценти од просечната плата во која било земја-членка.

Во моментов, во 17 земји-членки на ЕУ, минималната законски загарантирана плата е помала од 60 проценти од националната просечна плата, посочува ЦЕС.