Околу состојбите на секторот енергија во Македонија

Писма

Веќе со години држававa има несериозен пристап во секторот енергија. Ако се земат предвид производството, увозот и потрошувачката на енергија, во овој сектор се вртат најмалку две милијарди евра. Во најголем број држави постои министерство што во своето име го има зборот енергија. Во Република Македонија (РМ) секторот енергија го покрива Министерството за економија, кое има вкупно 14 внатрешни сектори. Значи енергијата е еден од тие 14 сектори во министерството. Ова е само една причина за несоодветниот пристап, а понатаму ќе бидат спомнати и опишани и други слабости.
Речиси на секои пет години, државава подготвува стратегија за развој на енергетиката во РМ за периодот од следните 20-30 години. Ако се погледнат претходните документи од пред неколку децении, може да се заклучи дека некои важни работи не беа добро предвидени. Ова особено се однесува на користењето на обновливите извори на енергија и на енергетската ефикасност, кои беа занемарени до 2005 година, а потоа се почна со нивно планирање, и тоа во мал обем. Од друга страна, (како позитивно) одамна беа предвидени за изградба хидроцентрали, како што се „Чебрен“ и „Галиште“, но до денес тие не се ни почнати со изградба.

Нашите политичари постојано изјавуваат во јавноста дека гасот е еколошко гориво. Не, ГАСОТ НЕ Е ЕКОЛОШКО ГОРИВО бидејќи припаѓа во групата фосилни горива (јаглен, нафта и гас). Со нивното согорување се создава јаглерод диоксид, а тоа е главната причина за глобалното загревање, односно климатските промени. Тоа е и ќе биде главниот проблем во светот во децениите што доаѓаат. На овој проблем исто така државата не посветува доволно соодветно внимание. Но за ова можеби во некоја друга пригода.

Во врска со гасот, веднаш се наметнува логично прашање. Ако гасот не е еколошко гориво, тогаш зошто Германија, која е една од најнапредните земји, го гради новиот гасовод Северен тек 2? Одговорот е во енергетската политика на таа земја бидејќи се откажува од термоцентралите на јаглен, кои се најлоши од еколошки аспект, и полека се откажува од нуклеарните централи, а гасот ќе биде нивна алтернатива, но само за период од околу три декади, значи како транзициско гориво. Од друга страна, Германија има и планира големи инвестиции во користењето обновливи извори на енергија (најмногу ветер и сонце). Постои една заедничка цел во светски рамки, а тоа е нето-нула емисии на стакленички гасови од 2050 година. Ова произлегува од Парискиот договор за климатски промени, каде што се предвидува максимално глобално затоплување од 1,5 степен Целзиусов на Земјината атмосфера, во споредба со прединдустрискиот период. А тоа ќе се постигне со драстично намалување на емисиите на стакленички гасови.

Денес во РМ природен гас пристигнува преку еден гасовод од Бугарија (руски гас) граден од 1993 до 1997 година, како почетна инвестиција на компанијата „Макпетрол“. Користењето на гасот започна во 1998 година, и тоа само од големи потрошувачи во Скопје (мал дел во Куманово и во Крива Паланка). Многу години гасоводот беше користен со 10-15 отсто од номиналниот капацитет, бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Тоа сигурно се одразуваше на цената на гасот и на рентабилноста на гасоводниот систем.

Искористеноста на гасоводот порасна по изградбата на „Те-То“, но сѐ уште е доста под номиналниот капацитет. Значи, природниот гас е стигнат во Скопје пред околу 25 години, но не се направи дистрибутивна мрежа за негово масовно користење. А градот сѐ уште се задушува од загаден воздух, најмногу од системите за греење. Зошто се чекаше 25 години (и сѐ уште се чека)? Во меѓувреме, заради заштита од климатските промени, сѐ повеќе ќе се намалува употребата на природниот гас во конвенционалните системи за греење. Во некои западноевропски земји е најавена забрана на инсталирање опрема за греење на гас по 2025 година. Во РМ сѐ уште се градат магистрални гасоводи, а изградбата на дистрибутивните мрежи уште не е ни почната. Е кога за околу пет (и повеќе) години треба да почне поширока потрошувачка на гасот кај нас, тогаш во развиените земји гасот постепено ќе се забранува во системите за греење.

Во врска со користењето природен гас во РМ, се очекува масовно да се користи во иднина, особено во системите за индивидуално и централно греење. Но многу порационално решение е изградба на постројки за комбинирано производство на топлина и електрична енергија, наречени и постројки со когенерација. Тоа е истовремено производство на (корисна) топлинска и електрична енергија во една постројка. На тој начин се искористуваат и до 90 отсто од расположивата енергија на гасот. Таков пример е „Те-То“ во Скопје, кое работи веќе девет години, има 220 мегавати електрична моќност и 160 мегавати топлинска моќност. Но вакви комбинирани постројки може да бидат и со помал капацитет, на пример за топлификација на помали градови, потоа за вкупни потреби на болници, хотели итн.

Пред околу еден месец, Владата на РМ (односно „НЕР АД“ Скопје) потпиша меморандуми за учество во неколку проекти со компании од Грција за изградба на: терминал за течен природен гас во Александруполи, гасна централа во тоа место и изградба на интерконекција за пренос на гас од Грција до РМ. Од наша страна учеството би изнесувало над 120 милиони евра. Веднаш да кажам дека за првите два проекта (терминал и гасна централа), Владата треба да ја преиспита својата намера додека е во фаза на меморандум за соработка, тоа се погрешни инвестиции. Третиот проект (интерконекција за пренос на гас) би бил добра и оправдана инвестиција.
Секторот енергија треба да се следи и развива паралелно со активностите поврзани со климатските промени. Иако проблемите со климатските промени се познати повеќе од 30 години, кај нас сега почна да се зборува за зелена енергија. Потенцирам, почна да се зборува, а колку ќе се воведуваат проекти за зелена енергија, тоа е вистинското прашање. Повеќе за ова во некоја друга пригода.

д-р Ристо Цицонков,
редовен професор (во пензија)