Реконструкцијата на регионалниот пат од Гостивар до Кичево чини околу осум милиони евра, истакна вчера министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, додавајќи дека тоа е приоритет и е од големо значење за овој дел од државата имајќи предвид дека преку него годишно поминуваат над четири милиони возила.

– Вкупно осум милиони евра се инвестираат преку јавното претпријатие за државни патишта за реконструирање на патниот правец од Гостивар до Кичево. Ја реконструиравме делницата од Гостивар до Колари и дополнително уште пет моста. Минатата година во октомври започнавме и со реконструкција на оваа делница од Колари до Кичево, но поради временските услови имаше мал застој. Започнато е со интензивно асфалтирање и очекуваме целиот проект да се заврши до крајот на јуни за да може пред летната сезона да овозможиме побезбедно возење на оваа траса – нагласи Сугарески, кој очекува голема реализација на капиталните инвестиции годинава.

Според министерот, активно се работи и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а годинава се очекува ЈП за државни патишта да заврши со проектирање на првата фаза, од Кичево до Букојчани, за изградба на нов автопат Гостивар – Кичево.
– Генерално силно сме фокусирани за обезбедување квалитетна инфраструктурна мрежа насекаде низ државата и за тоа се реализираат над една милијарда евра инвестиции – вели Сугарески.