Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) соопшти дека нејзините 37 членки бележат невиден економски пад од 9,8 отсто во вториот квартал во однос на претходниот квартал, како последица на пандемијата на коронвирусот.
Од ОЕЦД посочуваат дека актуелната економска криза далеку го надмина падот на БДП од 2,3 отсто, кој е забележан во првиот квартал на 2009 година, во екот на глобалната финансиска криза.
Меѓу земјите од групата седум најразвиени економии во светот што се членки на ОЕЦД, досега најголем пад на БДП имаше Велика Британија, од 20,4 отсто, по што следува Франција, со пад од 13,8 отсто во вториот квартал.
Италија забележа пад на економијата од 12,4 отсто, Канада 12 отсто и Германија 9,7 отсто, соопшти ОЕЦД.
САД забележале поблаг пад, од 9,5 отсто, во вториот квартал.
Во Јапонија БДП паднало за 7,8 отсто во вториот квартал, а тоа, според процените на ОЕЦД, се должи на поблагите рестриктивни мерки во оваа земја.