Во Скопје се одржа Иновативниот Форум под мотото „Со иновација до здрава нација“, кој за прв пат се организира во Р. Македонија од страна на Асоцијацијата на претставниците на странските производители на иновативни лекови – ФАРМАБРЕНД НОВА и Здружението за фармакоекономија и истражување на исход од терапија ISPOR Македонија.

Главна цел на овој форум беше споделување искуства, предизвици и можности за подобрување на здравствениот систем, неговото осовременување, преку внесување медицински иновативни технологии и нивна достапност до пациентите. Форумот се одржа во просториите на хотелот „Холидејин“, каде што многубројни експерти од Европа зборуваа за своите искуства на оваа тема.

Форумот го отвори министерот за здравство г. Венко Филипче, кој даде јасна слика за улогата и местото на иновативната медицина во здравствената стратегија на Република Македонија.

-Во текот на изминатите неколку децении, благодарение на подобрените дијагностички и терапевтски опции, здравствената заштита доживеа експлозија на иновации дизајнирани да го подобрат животниот век и квалитетот на животот. Додека здравствените организации се соочуваат со невидени предизвици за подобрување на квалитетот, намалување на штетата, подобрување на пристапот, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците, иновацијата повторно станува главен фокус. Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да се залагаме во што поголема мера да воведуваме нови иновативни технологии и решенија, кои ќе придонесат за реформи и подобрување на условите во здравството. Имањето квалитетна и јасна визија за развој во овој сегмент е од круцијално значење. Веруваме во нашата визија и ќе продолжиме и понатаму напорно да работиме на нејзина реализација -изјави министерот за здравство г. Филипче.

Директорот на Фондот за здравственото осигурување на Македонија г. Ден Дончев, исто така, присуствуваше и го даде своето мислење.

-Потребно е сеопфатно решение и планирање на средствата, кои ќе бидат наменети за иновативните терапии и механизмите преку кои ќе се постигнат целите, вклучувајќи ја и намерата на Министерството за централизирање на набавките и лековите со што веруваме дека ќе се овозможи и ефикасност, заштеда и повеќе простор за иновативните терапии во иднина- говореше Дончев.

Заклучоците од овој иновативен форум – „Со иновација до здрава нација“ беа дека постои политичка волја за решавање на проблемите и дилемите во здравствениот систем на Република Македонија, што впрочем беше кажано од надлежните, министерот за здравство г.Венко Филипче и директорот за здравствено осигурување на Република Македонија г. Ден Дончев. Се очекуваат промени во Законот за здравственото осигурување, се работи на донесување нов правилник за ставање нови лекови на позитивната листа.