Владата на денешната 125. седница донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестициски проект на фотонапонска електрана со јачина од 85 мегавати на Друштвото за производство, трговија и услуги „Ринуабл пауер интернатионал“ ДООЕЛ Скопје.

Соларната електрана вредна 63 милиони евра ќе биде изградена во атарот на Долни Балван, општина Карбинци.

Владата на денешната седница донесе уште една одлука за утврдување стратешка инвестиција за компанијата „ХЕК солар МК“ ДООЕЛ Скопје, којашто ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати и со вредност од 53 милиони евра.

„ХЕК солар МК“ соларната електрана ќе ја гради во општина Пехчево.

Владата исто така ја разгледа и усвои информацијата и го прифати барањето на Стопанската комора да се издвои износ од 18.600.000 денари од ковид-програмата како финансиска поддршка за имплементација на современи дигитални софтверски решенија.

– Износот ќе биде издвоен во рамки на поддршката на компании од информатичко-компјутерската технологија како заедничка акција на јавниот и приватниот сектор – информираат од владината прес-служба.