Нови 90 работни места ќе се отворат со инвестицијата од 4,2 милиони евра што германската компанија ОДВ Електрик ќе ги вложи во втората фаза од нивното вложување во Македонија.

Извршниот директор на компанијата Мартин Екрев денеска во Владата на Република Македонија, по потпишување на меморандумот, рече дека нивните планови се да продолжат да инвестираат во Македонија и да вложат вкупно околу 15 милиони евра и да отворат повеќе од илјада работни места.

– ОДВ Електрик одлучи да инвестира во Македонија од неколку причини. Македонија е блиску до централна Европа, живееме во истата временска зона, споделуваваме заедничка култура и вредности. Тука има вешти работници, а законите, регулативите и царинските давачки се веќе усогласени со оние на ЕУ. Освен тоа, имаме и силна институционална поддршка во Македонија – истакна Екрев.

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, добро е што со новата инвестиција ќе бидат вработени висококвалификувани лица.

– Потребни се инвестиции, но потребна е и промена во образовниот систем затоа што кадарот што во моментов е невработен не е соодветен за потребите на економијата. Затоа Владата ќе работи паралелно на неколку мерки за акутно да го реши проблемот – рече Анѓушев.

ОДВ Електрик веќе работи во ТИРЗ Охрид/Струга. Во првата фаза има инвестирано 4,5 милиони евра и вработено околу 310 лица. Во фабриката во ТИРЗ Охрид/Струга произведува електрични инсталации за познати автомобилски брендови.

Компанијата е основана во 1970 година и покрај фабриката во Германија има и уште четири дополнителни подружници во јужниот дел на Унгарија, западниот дел на Украина, Македонија и во Мексико.