Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека вкупно 19.000 барања се доставени до УЈП за користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во висина од 14.500 денари

Повеќе од 19.000 апликации се поднесени за искористување на владината мерка за исплата на минимална плата од 14.500 денари, а се очекува бројот уште повеќе да се зголеми бидејќи рокот за аплицирање завршува вечерва. Ова го соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, на вчерашната прес-конференција, нагласувајќи дека мерките на Владата се фокусирани да дадат резултати.
– Во последните два месеца како резултат на негативните последици врз економијата поврзани со пандемијата на ковид-19, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании и за најзагрозените граѓани. Тие се фокусирани за да ги дадат најдобрите резултати во економијата, а тоа го покажува големиот интерес од страна на компаниите и граѓаните за нивно користење – изјави Бектеши.

Министерот информира дека вкупно 19.000 барања се доставени до УЈП за користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во висина од 14.500 денари. Тој додаде дека аплицирањето за мерката започна на 1 мај и до крајот на рокот, кој е денеска (четврток) до полноќ, се очекува дека ќе се зголеми бројот на оние компании што ќе поднесат апликации.
Според Бектеши, со оваа мерка се обезбедува континуитет на работните процеси, се обезбедува основа за исплата на плати и придонеси, при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места. Тој, меѓу другото, посочи дека се планираат и нови мерки за поттикнување на потрошувачката.

– Имавме можност да ги видиме последните податоци, моментално сме во најповолно сценарио, но исто така треба да се има предвид дека креираме и нови мерки за да ја поттикнеме потрошувачката. Неколкупати сме кажале, нема да оставаме ниеден работник што нема да е поддржан и ги повикуваме претпријатијата да даваат плати. Тоа го потврдуваат бројката од над 19.000 апликации во УЈП и над 10.000 барања од самостојни вработени. Мерките на Владата даваат резултати, се приспособени во интерес на сите работници и сакам да ги повикам сите претпријатија да ги исплатат своите работници – истакна Бектеши.

Министерот наедно информира дека е спроведен јавниот повик за субвенции за печки на пелети и кажа дека оваа година субвенции ќе добијат 454 домаќинства, кои аплицирале до 6 март. Во согласност со мерката, домаќинствата со ниски примања добиле субвенции во износ од 75 отсто од цената, но не повеќе од 25.000 денари. Преостанатите апликанти добиваат поддршка во износ од 50 проценти од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари. Целта на мерката, како што појасни Бектеши, е стимулација за употреба на поеколошки енергенти за загревање на домовите. Имињата на добитниците на субвенциите од оваа мерка ќе бидат објавени на веб-страницата на министерството најдоцна до 8 мај.