Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најдобро решение, кое вклучува ценовно прифатлива и стабилна цена за граѓаните, би имале кога Македонија сама би произведувала количества што се пресметани за наши потреби. Државните економски политики треба да го поттикнуваат домашното производство на храна. Во спротивно, може да очекуваме ова да претставува нова закана за и онака нискиот стандард на граѓаните…

Порастот на цените на земјоделските производи секоја година е сѐ подинамичен

Порастот на цените на овошјето и зеленчукот во маркетите и на пазарите секоја година е сѐ подинамичен. Граѓаните ги чувствуваат не само повисоките цени туку и падот на квалитетот на земјоделските производи што се увезуваат, но и намалувањето на палетата производи на тезгите. Упатените во земјоделскиот сектор укажуваат дека има неколку причини за континуираниот раст на цените – недостиг од домашно производство, зголемен увоз и влијанието на пандемијата врз трговијата. Земјоделците дополнително посочуваат и на ниската цена за откупување на производите и на високата продажна цена, што лошо се одразува на земјоделците, а секако и на потрошувачите.

Несразмерна разлика меѓу откупната и продажната цена

Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, цените на земјоделските производи секогаш во светот осцилираат во зависност од производството, дали е зголемено или намалено, дали се влошени условите и дали се очекува на други простори производството да се намали.
– Пандемијата во која се најдовме ние, но и светот, многу влијае на трговијата, а со тоа и на формирањето на цените на еден производ. Бидејќи Македонија е зависна од увоз, очекувано беше поскапување на основните производи – вели Станковски.
Тој дополнува дека со години големата разлика меѓу откупната и продажната цена е проблем во Македонија.
– Вината за овие збунувачки високи продажни цени многу одамна паѓа на откупувачите, кои се претворени во организиран монопол, бидејќи по ниски цени им откупуваат на земјоделците, а производите ги продаваат по високи цени. Проблемот е и во големата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се собираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон крајната цел, консументот, но и ги разочарува земјоделците, кои со вакви ниски откупни цени пропаѓаат и ги фрлаат своите производи – објаснува Станковски.
Тој додава дека во насока на намалување на трошоците за исхрана на граѓаните државата треба да поттикнува домашно производство на храна, односно со поддршка да цели на домашните производители на храна за тие да покриваат поголем дел од домашните потреби.

Пандемијата влијае на зголемување на цените

Според Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ), нарушените пазарни врски се дел од проблематичните и критични делови во секторот земјоделство, а тоа го потврди и ковид-кризата.
– Со ковид-кризата и мерките што се преземени од државите, се направени осцилации на зголемување на цените за продажба на инпути потребни за производство и тоа негативно се одразува на многу стопански сектори, вклучувајќи и во земјоделскиот сектор. Токму тоа доведе до поскапување на цената на производството, така што во изминатите години производната цена на земјоделските производи расте од една страна, а од друга страна продажната цена на големо е останата иста со години и од трета страна имаме постојано поскапувањето на прехранбените производи. Ова покажува дека најмногу трпат земјоделците и граѓаните – објаснува Петровска-Митревска.
Таа додава дека увозот со години се зголемува, а податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2019 година е остварен највисок извоз на храна во изминатите десет години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи.
– Овие факти загрижуваат, особено сега со настанатата здравствена и економска криза предизвикана од ковид-19, каде што ние како увозно зависна земја ќе се соочиме со поскапување што негативно ќе се одрази и на животниот стандард и на економијата во државата – смета Петровска-Митревска.