Министерството за транспорт и врски денеска објави нов јавен повик за доставување барања за доделување финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании. Повикот ќе трае до 21-ви следниот месец, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања на стартот на реконструкција на патниот правец Драчево-Јурумлери

Сугарески изрази надеж дека овојпат ќе се избере компанија и ќе продолжи со развојот на авиосообраќајот во Македонија.

-Ова е наша програмска определба. Во буџетот за следната година предвидовме пари за оваа намена, а имаме средства и за правење анализа за национален авиопревозник. Претходно анализите покажаа дека нема финансиска оправданост за ова, но уште еднаш ќе направиме да видиме во која насока ќе оди оваа работа – рече Сугарески.

Од Министерството за транспорт и врски очекуваат до крајот на годината да се направи изборот на авиокомпанијата која ќе добива субвенции за евтини авиолинии.

Третиот повик, како што објави претходно Владата, е со олеснети критериуми. Авиопревозниците ќе треба да воспостават летови до две нови дестинации од Скопје и од Охрид до 26 март 2019, а не до 10 јануари, како што се бараше во претходните два огласа.

Првите два повика беа неуспешни поради неисполнување на условите од тендерската постапка.