Јавното претпријатие за државни патишта објави тендер за изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце, од граничниот премин Блаце до селото Блаце, во должина од два километри. Краен рок за доставување на понудите од градежните компании е 4 септември, по што ќе се избира најповолен изведувач. Доколку успешно се спроведе тендерската постапка, градежните работи би можеле да започнат до крајот на годинава, а рокот за изградба е 18 месеци.

Градежниот институт „Македонија“ е избран од ЈП да го врши надзорот што ќе чини над 24,7 милиони денари. Првата фаза од автопатот Скопје – Блаце ќе се финансира од средства на ЈП.

– Автопатот ќе биде изграден според европски стандарди, со две ленти за возење и една лента за принудно застанување во еден правец, широчината на лентите за возење е по 3,5 метри, односно целосната широчина во еден правец изнесува 10,25 метри – изјави директорот на ЈП, Зоран Китанов.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи информира дека американска компанија веќе работи на проектирањето на преостанатите 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце. За довршување на втората фаза од автопатот Скопје – Блаце е одлучено да се издвојат дополнителни средства од ИПА-фондовите од околу 8 милиони евра.

Автопатот Скопје – Блаце ќе биде долг 12,5 километри, со четири тунели и осум моста на целата траса од граничниот премин Блаце до клучката „Стенковец“ на скопската обиколница. Двете фази од изградбата на целокупната траса ќе чинат околу 110 милиони евра. Автопатот ќе биде пуштен во употреба во 2023 година.
Китанов исто така информира дека е стигнато одобрувањето за преостанатите средства од постојниот кредит за автопатот Кичево – Охрид, но и одобрувањето за новиот кредит. На средба на изведувачите и подизведувачите со вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе биде презентирана програма за интензитетот на работа на овој автопат.

Китанов рече дека ќе се работи интензивно на изградбата на оваа делница и дека со изведувачите ќе се разговара за конкретните активности што мораат да ги завршат во договорениот период. Тој додаде дека ќе се потрудат да го запазат дадениот рок за изградба на автопатот, но и дека паралелно ќе се пуштаат сите делници што ќе бидат изградени на потегот од Охрид кон Кичево. Исто така, тој информира дека од многуте спорни експропријации по должината на трасата, за решавање останале уште три.