Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Македонија во моментов има околу 3,5 до 4 милиони земјоделски парцели што се одделени со меѓи, поради што над 50.000 хектари се необработени

Некои од обработливите ниви станаа меѓи и пристапни патишта и не се користат за производство на земјоделски култури, а некои од нив лежат необработени и нема интерес, пред сѐ, кај младите да се ориентираат кон земјоделството. Сево ова претставува сериозен проблем за понатамошен развој на секторот. Честите постапки за поделба на наследството, големиот број расцепкани парцели и интензивното иселување од Македонија предизвикаа неефикасна употреба на земјоделските површини. Земјоделците се свесни дека мора да работат на окрупнување на површините, но велат дека тоа оди многу тешко.

– Во Македонија во моментов има околу 3,5 до 4 милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи, има над 50.000 хектари необработено земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да се посвети особено внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација како и намалување на трошоците на производство. Од друга страна, ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотноправни односи кај земјоделците можеби се најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големо внимание – вели претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија, Вељо Тантаров.

И претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, потврдува дека многу од земјоделските површини се ситни и расцепкани парцели со низок квалитет, расфрлани околу некогаш живите македонски села.

– Поради судски постапки, стечаи или процеси на денационализација, малку од поквалитетните површини сѐ уште не се дадени на оглас – објаснува Станковски.
Како што вели тој, пред извесен период она што било понудено во велешкиот регион, парцели до три хектари со многу слаб квалитет на земјата, не разбудило никаков интерес кај граѓаните.

– Земјоделците изразуваа само незадоволства дека парцелите се без можност за наводнување, со исклучително слаби приноси по хектар. Мораме да споменеме дека без оглед на која површина ние одгледуваме некоја земјоделска култура, и колкави се приносите по хектар кај нас, ние мораме да конкурираме со најдобрите одгледувачи во регионот или за некои производи и во светот. Се плашам дека со развојот на глобализацијата, процентот на необработено земјоделско земјиште ќе биде и зголемен како последица на нерентабилноста на самото домашно производство – истакна Станковски.

Поранешниот министер за земјоделство, Киро Докузовски, неодамна истакна дека колку повисоки биле субвенциите, толку се намалувале и обработливите површини.
– Околу 1997 година, без субвенции (со нула премии) имавме 30.000 тони тутун, 160.000 тони репа, 25.000 – 30.000 тони сончоглед. Без субвенции Македонија имаше посеано над 117.000 хектари пченица, а сега се под 90.000. Сакам да истакнам дека и без субвенции се постигнуваа ефекти за зголемено производство. Сега има многу пари за субвенции, а намалени и ограничени површини. Македонија има над 130.000 хектари помалку обработлива површина при вакви големи субвенции. Сите плодни површини се претворија во зони што зјаат празни или половина се активни што е добро. Наместо да се гради на трета класа земјиште како што беше во претходниот систем, сега најубавите површини се даваат за градба – појаснува Докузовски.

Претседателот на „Агрофаланга“, Станковски, додава дека за промена на состојбата, потребна е добро осмислена стратегија. Тој смета дека во наши услови треба да бидат претпочитани производи и култури што бараат многубројна работна рака и за кои нема некој софистициран метод за собирање, како што е берењето цреши или јагоди.

– Секаде каде што се работи на софистициран и поевтин начин, максимално се заменува скапата работна рака, при што ние сме неконкурентни. Ако продолжиме да произведуваме земјоделски производи за кои нашето земјиште и поднебје не одговараат и нудат мали приноси, а принудени сме со потпишување на договорот со Светската трговска организација да дозволуваме увоз со држави со далеку поразвиено и попрофитабилно земјоделство, тогаш порано или подоцна сме осудени на пропаст.

Поради тоа нашето земјоделско земјиште и понатаму ќе биде необработено, со опасност тој процент да се зголеми – појаснува Станковски.

Тој вели дека за вистински ефикасно решавање на проблемот, потребно е градење стратегија за која решенија ќе понудат и претставниците од власта, невладиниот сектор, земјоделците и високообразовните институции, во спротивно агонијата со намалено обработување на земјоделското земјиште ќе продолжи.

Mногу од земјоделските површини се ситни и расцепкани парцели со низок квалитет
Фото: Маја Јаневска-Илиева