Покрај претходно изградениот капацитет од областа на автомoбилската индустрија на американската компанија за воздушни перничиња КСС, под новото име „Џојсон“, во ТИРЗ-Кичево, наскоро ќе почне изградбата на уште еден стопански капацитет, во кој се очекува да се вработат над 800 работници.
– Можам да ве информирам дека во ТИРЗ-Кичево наскоро ќе започне изградбата на нова фабрика од областа на автомобилската индустрија, каде што ќе се вработат над 800 невработени лица. Сите детали се завршени и наскоро ќе биде обелоденето името на компанијата што ќе го гради овој стопански капацитет. Наша интенција е во новиот капацитет платите да бидат што повисоки и на тој начин да имаме и задоволни работници. Инаку, со претходно изградената фабрика од истата област, во ТИРЗ-Кичево ќе има вработено над 2.000 работници, што ќе придонесе за намалување на невработеноста и, она најважното, што помало иселување на младите од општината, што во последните неколку години незапирливо тече – кажа министерот за економија Крешник Бектеши.