Република Македонија во посттранзицискиот период бележи релативно бавна развојна динамика со просечна стапка на раст од 2,7 отсто, што споредено со земјите од регионот ја вбројува во групата земји со мошне лоши економски резултати. Тоа ја забави и ја одложи конвергенцијата на земјата кон просекот на доходот по жител на ЕУ-земјите. Најголемиот приоритет на Република Македонија е интеграцијата на земјата кон ЕУ, но таквата политичка цел не е во корелација со напорите на креаторите на политиките за економска конвергенција на земјата и нејзиното приближување кон животниот стандард на земјите-членки на ЕУ. Република Македонија сѐ уште тапка во место на ниво од околу 35 отсто од просекот на ЕУ, а ниските стапки на економски раст во последните неколку години уште повеќе ја оддалечуваат земјата од животниот стандард на ЕУ, кон која се стремиме.
Се поставува прашањето кои се причините за таквите лоши економски резултати и како тие да се адресираат во насока на креирање економски политики што ќе испорачаат високи и одржливи стапки на економски раст.

Во едно истражување, кое беше направено во соработка со Стопанска комора на Македонија, а презентирано во Охрид на научната конференција организирана од МАНУ, посочивме дека најголемиот проблем за македонската економија е постојниот модел на раст на кој почива економијата. Имено, овој модел е детерминиран од квантитативни промени во факторите на производство (нови вработени и нови инвестиции), кои не придонесуваат за позначителни промени во факторската продуктивност и од факторите на страната на побарувачката (финална потрошувачка на домаќинствата и јавна потрошувачка на државата) што де факто се рефлектира во негативен придонес на нето-извозот.

Од друга страна, ако се анализира моделот на раст од аспект на секторскиот пристап ќе се констатира дека главни извори на растот се градежништвото и услужниот сектор, кој има мал потенцијал за извоз, за разлика од помалото учество на преработувачката индустрија, која има најголем потенцијал да биде главниот мотор на растот во мали и отворени економии како што е случај со Република Македонија.

За жал, таквиот потенцијал во целиот изминат период не беше во целост препознаен од креаторите на економските политики што де факто е една од причините зошто Република Македонија е сѐ уште заглавена во мошне лоша индустриска и извозна структура. За илустрација, резултатите од моето истражување поврзани со извозните перформанси на земјата покажуваат дека Република Македонија се соочува со ниска извозна диверзификација од аспект од бројот на производи што земјата ги извезува со компаративни предности (само 447 производи), од аспект на бројот на извозни компании (помалку од 3.000 компании имаат извозна активност) и од аспект на бројот на земји каде што се пласира тој извоз (земјата извезува во вредност поголема од 200.000 евра во само 80 земји додека топ 10 извозни земји апсорбираат дури 85 отсто од македонскиот извоз).

Не помалку важно, извозни производи во кои земјата има компаративни предности се доминантно производи од примарното земјоделство, текстилната и кожарската индустрија, и индустријата за базични и фабрикувани метали и тие се карактеризираат со релативно низок степен на финализација и додадена вредност. Исклучок се производите од фармацевтската индустрија и производите што ги извезуваат странските компании од ТИРЗ-зоните. Сепак, странските компании како главни носители на извозот на земјата во последните неколку години немаат познaчителна поврзаност со домашната економија што како резултат има висока увозна компонента (ниска домашна додадена вредност) на извозот. Тоа е причината зошто јачината на корелациската поврзаност помеѓу извозот и растот на економијата е значително мала споредено со некои други земји.

Сето ова укажува дека моделот на раст на македонската економија нема капацитет да испорача високи и одржливи стапки на раст и што поскоро е потребно негово редефинирање, каде што главниот фокус ќе биде ставен на факторите на страната на понудата насочени кон структурни промени во економијата и пораст на извозната конкурентност на домашната преработувачка индустрија со истовремено привлекување странски компании, кои ќе бидат ставени во функција на домашната економија.

Всушност, единствената развојна алтернатива што ѝ стои на располагање на Република Македонија, како мала отворена економија, се однесува на иницирање и интензивирање на процесите на модерната реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори, кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи, кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании и зголемување на бројот на земји каде што земјата извезува).

Во тој контекст, сметаме дека конечно е дојдено времето за сериозно редефинирање на економските политики со посебен фокус на индустриските политики, кои ќе бидат насочени кон градење мерки за обезбедување системска поддршка на извозно ориентираните индустриски сектори, потсектори и производи што се карактеризираат со поголем степен на финализација и додадена вредност, но за кои во исто време земјата има потенцијални компаративни предности и поседува реални економски претпоставки да ги развива во иднина.

Само на тој начин може да се надеваме дека ќе излеземе од групата на неуспешни посттранзициски економии заглавени во илузијата дека некој друг ќе ни помогне да ја надминеме оваа економска летаргичност и дека со некои ад хок буџетски решенија на краток рок ќе изградиме капацитет за долгорочен економски раст.

Доц. д-р Дарко Лазаров
Економски факултет, УГД-Штип