Од денеска на компаниите им е достапен нов агрегатен веб портал на кој ќе може да се информираат за бизнис регулативата во Македонија и да го усогласат своето работење со законските прописи. 

Веб порталот www.biznisregulativa.mk е продукт на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, имплементиран од ЕПИ Центарот во соработка со четирите стопански комори.

Според Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија, бизнис регулативата понекогаш е комплексна и може да содржи нејаснотии што претставува проблем за компаниите. 

– Овие комплексни регулативи предизвикуваат понекогаш доста големи трошоци и ги ограничуваат македонските компании да бидат конкуретни на национално и на европско ниво. Очекуваме овој веб портал да обезбеди алатки за македонските компании за да може тие полесно да го усогласат своето работење со деловната регулатива и да може полесно да ги пласираат своите производи и да навлезат на пазарите на Европската унија – изјави Гонзалез по денешната презентација на веб порталот.

На веб порталот ќе бидат ставени и позициони документи како заеднички став на четирите комори засновани на идентификуваните проблеми со кои се соочуваат претпријатијата во Македонија.

– За првпат овие позициони документи се усогласени од четирите стопански комори така што во моментот кога ќе бидат ставени на веб порталот тие практично стануваат мислење на бизнис заедницата по однос на некој закон или пропис – изјави Љубомир Димовски, директор на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива. 

Во периодот од 2017 година до јуни 2018 година идентификувани се 150 проблеми на бизнис заедницата од кои 35 се разработени како позициски документи, а се однесуваат на даночната политика, царинското работење, работните односи, градежништвото, земјоделството, туризмот, управувањето со отпад и јавните набавки.