Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на ковид-19 врз економијата и врз животот на граѓаните, банките во земјава ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти што имаат реална и неопходна потреба, информираат од Македонската банкарска асоцијација.
Според нив, тоа би се однесувало на клиентите што останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и слично.
– Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние што се соочуваат со реални тешкотии предизвикани од ковид-кризата – појаснуваат од МБА.

Детални информации, во рамките на своја постапка и методологија, секоја деловна банка ќе објави на својата интернет-страница во најкраток можен рок. Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата, по што банката ќе одлучува по нивните барања.
На 30 септември завршува првиот рок во кој граѓаните имаа можност за одложено плаќање на ратите на кредитите, а со оваа активност, граѓаните ќе бидат во можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи што ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка.

Граѓаните при променети, подобрени услови ќе можат да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените шест месеци.
Претходно Народна банка информира дека по направените анализи било утврдено дека банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи, за да им се помогне на оние клиенти што се негативно погодени од пандемијата на ковид-19.