Владата со нови критериуми за ставање на проектите на листата за капиталните инвестиции во буџетот ќе се обиде да ја подобри нивната реализација. Во согласност со новите критериуми, проектот ќе треба претходно да биде технички подготвен и да постои реална можност да се реализира за да биде ставен на листата, најави вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Годинава сме посветени на реализирање на капиталните инвестиции во буџетот и многу внимателно ги избиравме проектите, бидејќи доколку не се технички подготвени не може да се реализираат во една година. Прво треба да го подготвите проектот, потоа да објавите тендер и на крајот да го реализирате. Затоа е многу битно претходно да бидат технички подготвени проектите што се наоѓаат на списокот за капитални инвестиции и барем таа фаза да биде реално спроведлива. Тоа значи да има реален изведбен проект, да има решени имотноправни односи и да има издадена градежна дозвола – објасни Анѓушев на вчерашната прес-конференција во Владата.

Тоа, како што рече, подразбира првата фаза да биде завршена за да може веднаш да се премине кон фазата на тендерирање, тендерот да заврши навремено, да почне реализација на проектот во буџетската година и целосно да се реализира доколку е помал.

– Доколку проектот е само идеја, тој во една година треба да се нацрта, дизајнира, проектира, да се извади градежна дозвола и да се распише тендер. Ако од некои причини тендерот треба да се повтори веќе нема време да се имплементира во таа година и тоа резултира со нереализирање на капиталните инвестиции – рече Анѓушев.

Недоволната подготвеност на проектите ја посочи како главна причина за послабата реализација на планираните капитални инвестиции за минатата година иако, како што додаде, имаше и други причини во делот на реализацијата, можеби и кадровски.