Се повлекуваат книжните 10-ки и 50-ки од промет. Утре граѓаните ќе можат да ги користат новите полимерни банкноти со оваа вредност или монетите.

Книжните ќе може во рок од една година да се заменат во комерцијалните банки. По овој датум замената ќе се врши исклучиво во Народната банка на Република Македонија.

Во Македонија првпат се воведуваат полимерни банкноти. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, што се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, и се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

Полимерните банкноти ќе може да се користат за готовински плаќања, како и за плаќања преку автомати за наплата, но откако фирмите што ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Основната разлика меѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност што се повлекуваат од оптек, е материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.