Од создавањето на „Пежо тип 1“ во 1889 година, до воведувањето на новите „Пежо 308“ и „308 СВ“ (PEUGEOT 308 и 308 SW), осветлувањето на моделите на брендот е во постојан раст во однос на технологијата, функционалноста и дизајнот.

Предните и задните светла станаа клучни елементи кај возилата. Тие ја претставуваат идејата за технологија во служба на дизајнот и, обратно, за дизајн во служба на технологијата. Првенствено дизајнирани да бидат безбедносни карактеристики (осветлување, сигнализација), тие исто така станаа основни во зајакнувањето на идентитетот на моделите на брендот „Пежо“ и ги прават препознатливи на прв поглед.

Додавањето на ЛЕД технологијата во 2012 година целосно ги промени капацитетите за осветлување и обликот на предните светла. Поради нивната моќност и компактност, ЛЕД диодите им нудат на дизајнерите поголема слобода при креирање на елементи за осветлување: ги ослободуваат од ограничувањата на претходните технологии (халоген и ксенон) во однос на обликот и големината, и буквално им овозможуваат да си играат со светлината.

Во однос на технологијата, светлината што ја емитуваат ЛЕД светлата изгледа бела како кај ксенон предните светла. Всушност, оваа светлина е сина. Поминува низ слој од фосфор кој апсорбира голем дел од синиот спектар и му дава на ЛЕД светлото многу посебна бела боја.

Покрај тоа што траат 10 до 15 пати подолго од халогените, ЛЕД диодите се уреди со мала потрошувачка на енергија, со што се намалува емисијата на јаглерод диоксид кај новите „Пежо 308“ и „308 СВ“.

Новите „Пежо 308“ и „308 СВ“ исто така го прикажуваат карактеристичниот светлосен потпис на брендот користејќи ЛЕД технологија. Сите верзии, од првото ниво на опременост па нагоре, користат ЛЕД технологија.

Кај нивоата ГТ/ГТ Пак, новите „Пежо 308“ и „308 СВ“ имаат целоснo ЛЕД адаптивни предни светла со матрична технологија наречени „Пежо Матрикс ЛЕД Технолоџи“. Тие се составени од три елементи:
• Функцијата дневно светло е обезбедена со ЛЕД светло во форма на лавовски заби, воведена во гамата на „Пежо“ со новиот 508 во 2018 година.
• Краткото светло се состои од четири ЛЕД диоди комбинирани за да формираат доволно моќен светлосен зрак.
• Карактеристиката на долгото светло е обезбедена од матричниот модул составен од дваесет ЛЕД диоди, кои го додаваат нивниот зрак на оној на краткото светло. Во тоа се состои адаптивната функција на системот, бидејќи овие дваесет модули се вклучуваат и исклучуваат и ја прилагодуваат нивната светлина индивидуално и континуирано, во зависност од надворешните услови.

Камерата на врвот на ветробранското стакло ја анализира околината со цел да го прилагоди осветлувањето и интензитетот на ЛЕД диодите во матрицата. На овој начин, светлосниот зрак автоматски се прилагодува за да обезбеди оптимално осветлување, одржувајќи го долгото светло постојано вклучено без заслепување на другите возила.
Кога се приближувате до возило (претекнувате или следите) ноќе, новите „Пежо 308“ и 308 СВ“ го анализираат и го следат неговото движење. Сегментите на долгото светло се исклучуваат околу детектираниот автомобил за да создадат тунел од сенка, за да не го заслепите возачот на другиот автомобил, додека вашето опкружување е силно осветлено.

Освен што обезбедува оптимално осветлување без воопшто да ги заслепите другите возачи, технологија „Пежо Матрикс ЛЕД“ кај новите „Пежо 308“ и 308 СВ“ може автоматски да се префрла помеѓу различни режими на осветлување во зависност од надворешните услови – режим во град: штом возилото патува помеѓу 0 и 50 км/ч се вклучува кратко светло.

Режим долго светло: при брзини помеѓу 50 и 110 км/ч, предните светла се префрлуваат на долго светло. Ова значи дека тие го обезбедуваат својот целосен потенцијал за осветлување.

Режим на автопат: кога патувате со брзина поголема од 110 км/ч најмалку 5 секунди, предните светла „Пежо Матрикс ЛЕД Технолоџи“ го менуваат аголот на долгото светло (+0,4%) со цел да се осветли подалеку – очигледно без да ги заслепите другите возачи. Штом возилото патува повеќе од 5 секунди со брзина помалку од 90 км/ч, светлосниот зрак се враќа во првобитниот агол.

Предните светла „Пежо Матрикс ЛЕД“ се поврзани со целосните ЛЕД задни светла кои се во форма на трите карактеристични канџи кај новите „Пежо 308“ и „308 СВ“.

Тие се составен дел од задниот дизајн на автомобилот и нивниот уникатен дизајн ги прави новите „Пежо 308“ и „308 СВ“ јасно забележливи уште на прв поглед и напред и назад.