НЛБ Банка како компанија е континуирано посветена на обезбедување поддршка во општествено одговорни активности особено кај најранливите категории. За време на ковид-кризата која нѝ наметна многу предизвици, Банката започна голема донаторска акција која денеска ја финализираше и подари 60 персонални компјутери (лаптопи) наменети за училишта и ученици од социјално ранливи семејства, а со цел поддршка при реализација на онлајн наставата.

Имено, при крајот на минатата година НЛБ Банка со поддршка од Mastercard, а по повод својот 35-годишен јубилеj, организираше голема донаторска акција, во која беа издвоени 30.000 евра за набавка на компјутери кои ќе им помогнат на учениците од социјално ранливи семејства за непречено и редовно следење на онлајн наставата. Распределбата на компјутерите беше направена во соработка со Министерството за образование, а донацијата се реализираше во следните општини: Богданци, Градско, Јегуновце, Кавадарци, Кочани и Ресен.

– Нашата Банка како општествено одговорна компанија на повеќе наврати изминатата година, реализираше донации во согласност со најгорливите потреби кои произлегоа од пандемијата и несебично го даде својот значаен придонес за зајакнување на општественото ткиво. Една од главните иницијативи беше да обезбедиме неопходна поддршка за редовно спроведување на онлајн наставата и да им помогнеме на децата во надминување на предизвиците наметнати од ковид-кризата. Веруваме дека образованието, не само што е од клучно значење, туку претставува рамноправна придобивка за секое дете и бескомпромисно ќе се бориме секое од нив да го добие она што го заслужува – велат од Банката.

Улогата на НЛБ Банка како системски значајна Банка е многу одговорна, а грижата за граѓаните и воопшто одржувањето на општественото добро е од клучно значење. Затоа нивните заложби и во иднина ќе продолжат во насока на континуиран придонес онаму каде е најпотребно со цел да се надминат предизвиците кои стојат пред нас.