Јапонската компанија Нисан ќе произведе во Кина во следните месеци 30.000 возила помалку од планираното, поради намалената побарувачка на најголемиот светски пазар на автомобили, дознава Ројтерс од добро информиран извор.

Во периодот од декември до февруари производството ќе биде намалено за 30 илјади возила во однос на почетниот план, вели изворот кој сакаше да остане анонимен бидејќи плановите сѐ уште не се објавени.

Со тоа Нисан им се придружува на американски Форд и корејската компанија Хјундаи, кои веќе донесоа одлука да го намалат производството во таа земја со оглед на значителниот пад на продажбата изминатите месеци под влијание на забавувањето на економскиот раст и трговската војна со САД.

Компаниите ги менуваат почетните планови за производство во зависност од промените во побарувачката, проблемите во синџирот на снабдување и други фактори. Не е познато колку автомобили планирал Нисан да произведе во следните три месеца.

Во тримесечниот период до февруари оваа година, Нисан во Кина произвел речиси 400.000 возила. Периодот ги опфаќа и првите два месеца во годината кога продажбата обично забавува во пресрет на Кинеската нова година.