Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој учествува на меѓународна министерска конференција во Словенија посветена на пчеларството, порача дека оваа гранка е многу значајна за земјоделскиот сектор и оти македонската Влада е посветена на нејзиниот развој. 

Тој посочи дека Македоија се одликува со сопствен автохтон род пчели, а бројот на пчелини семејства е проценет на околу 90.000.

–  Земајќи ги предвид важноста и бенефитот на пчеларството, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е силно посветено на развој на оваа земјоделска гранка. Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како партнери, ќе дадат силен придонес во процесите на зачувување на пчелите, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка, рече Николовски.

Тој додаде дека преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Министерството создава институционална поддршка за пчеларството.

На конференцијата, што се одржува во Брдо кај Крањ, а на која присуствуваат министри за земјоделство од цел свет, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ги повика државите да сторат повеќе за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи. Од ФАО предупредуваат дека пчелите се под голема закана од комбинираните ефекти на климатските промени, интензивното земјоделство, пестицидите, загубата на биодиверзитетот и загадувањето. 

Министрите усвоија декларација со која меѓудругото заеднички се обврзуваат да преземат мерки за поддршка и заштита на пчелите и за подигнување на јавната свест за улогата на пчелите во зголемувањето на приходите од земјоделството и зачувувањето на животната средина. 

Министерот Николовски, како што соопшти ресорното Министерство, го поканил словенечкиот министер за земјоделство, шумарство и храна Дејан Жидан да присуствува на завршниот настан во Македонија за проектот за Локалните акциски групи (ЛАГ), за што изминатиот период беа испратени експерти од Словенечкото министерство за земјоделство.

– Локалните акциски групи за Македонија се важни за регионалниот рурален развој како алатка која ги спојува земјоделските производители, здруженијата, локалните власти и приватниот сектор, велат од Министерството за земјоделство.