Оваа година за разлика од претходните во законскиот рок се исплатени 95 отсто од субвенциите, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопансто Љупчо Николовски денеска во село Сарамзалино каде врачи десетина договори на индивидуални земјоделци од светиниколскиот регион.

– Во делот што се исплатени правени се дополнителни контроли и дополнителни административни процедури од страна на Платежната агенција. Но ако правиме споредба со претходните години до рокот – 30 јуни кога се исплаќаа 45-50 отсто од субвенциите, оваа година до тој рок се исплатија над 90 отсто од субвенциите. Оваа клучна политика и ветување пред граѓаните се редовните и навремени субвенции, потенцира Николовски.

Тој рече дека годинава земјоделците биле исплаќани тогаш кога субвенциите им биле најпотребни и најави дека тој тренд на исплаќање ќе продолжи и во наредниот период.

На новинарско прашање дали земјоделците ќе добијат средства за „зелена нафта“, министерот појасни дека имаат законска основа за реализација на оваа мерка за кофинансирање на трошоците за потребите на механизацијата, односно за набавка на нафта.

-Воведовме принцип во законот ова да се исплаќа преку зелени картички – платежни картички и моментално ја правиме процедурата како тоа да го спроведеме. Изработена е методологијата, врз основа на која над 55 илјади регистрирани земјоделци во земјава, а согласно површините и културите што ги одгледуваат ќе им се утврдува процентот и износот што ќе им следи за зелена нафта, потенцира Николовски.

Тој најави дека Министерството за земјоделство на Владата на РМ ќе и ги предложи понатамошните чекори како оваа мерка да биде утврдена.

– Се надевам дека до крајот на годината ќе ги завршиме сите правно-формални работи, а во буџетот за 2019 секако дека се предвидени средства за „зелена нафта“ за земјоделците, најави министерот Николовски.