Американскиот производител на електрични камиони Никола Мотор ја претстави третата верзија на својот влекач на погон на водород што ќе биде наменет за европските муштерии, пишуваат денеска американските медиуми.

Никола Тре(тре на норвешки значи три) ќе биде „првиот европски камион за комерцијална употреба со нулта емисија“, изјави основачот и извршен директор на компанијата Тревор Милтон. Цената на новиот камион сѐ уште не е позната.

– Влекачот ќе има „резервни сопирачки, резервен управувачки систем, резервни 800 Вдц батерии и резервна 120квч водородна ќелија, сѐ што е потребно за целосна автономија на ниво 5 – додава Милтон.

Со наведениот процес на дуплирање на виталните компоненти на системот се зголемува сигурноста и перформансите на возилото. Автономијата на ниво 5, пак, се однесува на нивото на автономија во самоуправувачките возила што подразбира возење без човечки фактор во било какви услови.

Компанијата Никола Мотор, која беше основана во 2014 година, информираше и дека со новиот влекач ќе цели и на други меѓународни пазари, вклучувајќи ја Азија и Австралија.

На интернет страницата со резервации за нивното најново возило пишува дека Никола Тре ќе биде „достапен во Европа, Азија и Австралија“.

Почетокот на европското тестирање на влекачот е предвиден во Норвешка во 2020 година. Компанијата во моментот е во „фаза на прелиминарно планирање“ на одлуката за локацијата на европскиот производствен погон.

Инаку, Никола Мотор започна судска постапка против својот соперник Тесла Компани на почетокот на оваа година, тврдејќи дека тој производител на електрични автомобили ги прекршил неговите дизајнерски патенти.