Интервју: Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги

Очекувањата се дека и понатаму ЕСМ ќе ги обезбедува потребните количества енергија за малите потрошувачи и за граѓаните, кои се на регулираниот пазар, особено ако се знае дека сѐ повеќе мали комерцијални потрошувачи излегуваат на слободниот пазар

По измените на Законот за енергетика надлежните информираа дека секоја година ќе се намалува обврската на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за покривање на потребите од електрична енергија за потрошувачите што остануваат на регулираниот пазар на енергија. Како ќе се одразат овие измени врз граѓаните, дали ќе се зголеми цената на електричната енергија, и каков е интересот кај населението за преминување на слободниот пазар на електрична енергија, разговараме со првиот човек на регулаторното тело за енергетика, Марко Бислимоски.
– Со новиот закон за енергетика е предвидено Електрани да обезбедат електрична енергија за малите потрошувачи и за домаќинствата што решиле да останат на регулираниот пазар. Во тие услови ЕСМ е обврзан да обезбеди одредено количество енергија. Во согласност со одредбите, за 2019 година за овие потрошувачи ЕСМ требаше да обезбеди најмалку 80 проценти од потребите на „ЕВН Хоум“, односно за малите потрошувачи и домаќинствата. Конкретно за тековнава година ЕСМ го обезбеди целокупното количество енергија колку што огласи снабдувачот во тендерот за годинашното снабдување со електрична енергија на граѓаните што се на регулираниот пазар. Очекувањата се дека и понатаму ЕСМ ќе ги обезбеди потребните количества енергија за малите потрошувачи и за граѓаните што се на регулираниот пазар, особено ако се знае дека сѐ повеќе мали комерцијални потрошувачи излегуваат на слободниот пазар. Со новиот закон за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика не им одредува цени на ЕСМ, туку сами ја формираат, а тоа веќе го видовме на тендерот што летово го објави „ЕВН Хоум“. Со законот се отвори можност Електрани да го продаваат вишокот што ќе ги произведат на слободниот пазар на енергија. Позитивно е што тие продаваат вишоци енергија и притоа прават солидна заработка. Така, на пример, во 2018 година остварија 22 милиони евра приходи од продажба на вишоци енергија, во 2016 година имале 2,7 милиони евра приходи од вишоци, додека во 2017 околу 400 илјади евра приходи. Трендот на заработка од продажба на вишоци е задржан и оваа година, досега се остварени приходи од 18 милиони евра… ЕСМ не продава само на регулираниот пазар, туку и на слободниот, што се должи на доброто работење и оптимизацијата на постројките што ги поседува. Поради ова не се очекуваат промени во делот на цената по која ќе се продава електричната енергија за граѓаните, но ЕСМ си прави свои стратегии врз кои ќе ја нуди енергијата на тендерите на „ЕВН Хоум“.

Каков е сега уделот на РКЕ при формирање на крајната цена на енергијата?
– Ние ја утврдуваме цената на „ЕВН Хоум“, но на ЕСМ не им одредуваме цена, сами одлучуваат во согласност со пазарните параметри за висината на цена, а регулаторна истата таа ја зема како трошок при формирање на регулираната цена за крајниот потрошувач. Останува и понатаму да ја регулираме цената за пренос и за дистрибуција на електрична енергија.
За споредба ќе посочам дека годинава ЕСМ понуди цена во висина од 34,5 евра за мегават-час, а истата таа, споредена со цената по која се продавала енергијата во 2016 година, е пониска за 18 отсто. Не очекувам дека ЕСМ како државна компанија ќе прави притисоци врз цената ниту следната година, особено бидејќи се знае дека на регулираниот пазар претежно се домаќинства, но и бидејќи остваруваат вишоци, односно се во добра кондиција. Битно е што кај ЕСМ има големо намалување на трошоците кај рудниците, споредено со претходни години дури и до 40 милиони евра има намалување на трошоците на годишно ниво. Поради тоа имаат простор да играат и со цената што му ја нудат на снабдувачот.

Дали на долг рок е разумно да се очекува раст на цената не електричната енергија, особено имајќи предвид дека во регионот и во Европа цените на енергијата се повисоки?
– Цената на електричната енергија кај нас во најголем дел се добива од Електрани на Македонија, а преостанатиот дел го увезуваме, така што како држава не може да имаме големо влијание врз цената. Сепак, мислам дека нема да има некои големи скокови, и да расте цената нема да станува збор за голем раст и дека истиот тој нема да влијае врз домаќинствата.

Каква е конкуренцијата на слободниот пазар?
– Нашата држава има најактивен либерализиран пазар на електрична енергија. Во 2018 година имавме девет активни снабдувачи, кои им нудат енергија на потрошувачи што излегле на слободниот пазар. Нема една компанија со огромно пазарно учество, сите имаат соодветен удел и имаме ликвиден пазар.
Цената на домаќинствата е 4,5 денари за киловат-час, а во таа цена е вклучен и трошокот за дистрибуција. Доколку снабдувачите успеат да обезбедат енергија со слични или пониски цени ќе бидат интересни и за домаќинствата. Сега домаќинствата се заштитени благодарение на работењето на ЕСМ, кое нуди пониска цена на регулираниот пазар. Имајќи предвид дека малите компании набавуваат енергија по 9 денари, беа интересни за снабдувачите што понудија пониски цени, па малите компании ги намалија трошоците за електрична енергија на годишно ниво од 20 до 30 проценти.