Германската логистичка група Дојче Пост ДХЛ извести денеска за пониска нето добивка и стагнација на приходите во првото тромесечје под влијание на неповолните валутни курсеви и инвестициите со кои планираат да го држат чекорот со силната побарувачка за услугите за достава на пакети.

Во периодот од јануари до март нето добивката на германската компанија падна 5,2 отсто, на 600 милиони евра, што во компанијата го припишуваат на новите сметководствени прописи.

Оперативната добивка пораснала 2,3 отсто, на 905 милиони евра.

Приходите речиси стагнираа, достигнувајќи 14,7 милијарди евра.

Во Дојче Пост напоменуваат дека оперативната добивка во одделот за достава на пакети и електронска трговија е намалена заради инвестициите во електрични камионети и во подобрување на меѓународната логистика, за да можат да држат чекор со големата побарувачка.

Вкупно групата во првите три месеца оваа година во подобрување на инфраструктурата за достава на пакети вложи 327 милиони евра, нешто помалку од целата година лани.