Фото: Дарко Андоновски

Последните извештаи на Народна банка покажуваат дека депозитите растат, и тоа со поголемо темпо кај населението. Социологот Илија Ацевски смета дека една од главните причини за порастот на депозитите се психолошкиот момент и несигурноста, која ги тера луѓетo да штедат за црни денови

Депозитите и штедните влогови на граѓаните и на компаниите во последниве години постојано се зголемуваат иако каматите што ги добиваат од банките се многу мали. Каматите за орочените средства во банките постојано се намалуваат, но заштедите на населението растат. Дали недостигот од други финансиски инструменти во кои би ги инвестирале вишокот средства е причина за порастот на депозитите? Или, пак, за оваа ситуација придонесуваат и долгиот транзициски период и несигурноста на граѓаните во општеството и во државата, па тие штедат за да имаат за кризни денови?
Последните извештаи на Народна банка на Република Северна Македонија покажуваат дека депозитите континуирано растат, и тоа со поголемо темпо кај населението отколку кај компаниите.

– Во текот на јули, вкупните депозити остварија годишен пораст од десет проценти. Овие промени се резултат на порастот на депозитите кај двата сектора, но со малку поизразен придонес на секторот „домаќинства“ – објави НБРСМ во последниот извештај за монетарните движења во земјава.
Она што исто така може да се забележи од нивните извештаи е дека депозитната база последниве години расте поинтензивно отколку претходно.
Традицијата и склоноста на граѓаните за штедење, но и несигурноста, придонесуваат за пораст на штедните влогови на граѓаните, смета социологот Илија Ацевски. Тој истакнува дека дополнителна причина за постојаниот пораст на депозитите на граѓаните во банките, и покрај ниските камати, е психолошкиот момент и несигурноста што ги тераат луѓетo да штедат за црни денови.

– Ова не е нова појава, напротив, познато е дека во кризни денови граѓаните повеќе штедат, затоа што не се сигурни што ќе донесе новиот ден и кога ќе им притребаат парите. Кај нас оваа состојба особено дојде до израз во последниве две-три години. На некој начин граѓаните ги одложуваат набавките и купувањата што не се неопходни поради несигурноста што ја чувствуваат. Ги чуваат парите во банки и покрај ниските камати, за да имаат тргнато за црни денови – вели професорот Ацевски.
Тој истакнува дека во вакви ситуации граѓаните не штедат за да земат повеќе, за да заработат од орочените средства, туку пред сѐ штедат за да имаат за во иднина, па ако приливите се намалат, ќе имаат средства од каде да извадат.

– Денес во Македонија имаме многу мал дел средна класа, која на некој начин ја обезбедува стабилноста на општеството. Кај нас имаме мал дел граѓани што се многу богати, а голем дел што се сиромашни, додека средната класа е многу истенчена. Доколку таа падне под прагот од 30 отсто, тогаш се можни непредвидливи ситуации, бидејќи сиромаштијата наведува кон неконтролирано однесување – додава Ацевски.
Тој исто така потсетува дека граѓаните штеделе токму при распадот на СФРЈ, поради несигурноста што ја чувствувале.

Од друга страна, економистите сметаат дека причина плус поради која граѓаните штедат во банки, и покрај малата заработка, е оти немаат каде да ги вложат средствата, а не се подготвени да тргуваат со хартии од вредност.
– Намалената заработка е причина граѓаните да се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност, но има и такви што вложуваат и во недвижнини. Искуството покажува дека мал број граѓани се решаваат на вакви инвестиции, бидејќи ги сметаат за поризични. Тие би можеле да инвестираат во животно осигурување, но тоа кај нас е во зародок и допрва треба да се промовира за граѓаните да ги увидат предностите и придобивките од тоа – вели еден од поранешните гувернери, Љубе Трпевски.
Извештајот на НБРСМ покажува дека во јули 2019 година, вкупните депозити кај компаниите пораснале за 1,3 отсто на месечна база. Додека, пак, вложувањата на домаќинствата во депозити во банките и штедилниците овој месец се зголемени за 0,6 проценти, а порастот во најголем дел се должи на краткорочните депозити во странска валута.

Од Народна банка потврдуваат дека депозитите кај домашните банки се речиси во постојан пораст во изминатите години.
– Трендот кај депозитите произлегува од повеќе фактори, довербата и сигурноста што банките ги уживаат кај домашните субјекти, обемот на понудата на инвестициски алтернативи во економијата, висината на животниот стандард, вообичаените штедни навики кај населението, присуството на претприемачки дух и инвестициски идеи, висината на каматните стапки и слично. При одделни кризни епизоди, како глобалната криза или должничката криза во Грција, се забележуваат извесни намалувања на износот на депозити. Ваквите појави се забележуваат кај средствата вложени од населението, сектор подложен на психолошки притисоци, но тие се од краткотрајна природа, присутни во одделни месеци и вообичаено проследени со релативно брзо стабилизирање на депозитната база и повторно враќање на генералните трендови на пораст на вкупните депозити – појаснуваат од НБРСМ.

[email protected]