Фото: Игор Бансколиев

Неделата како неработен ден станува реалност, како што порача министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, по повод изгласувањето на Законот за работните односи со 62 гласа „за“ и ниту еден против во Собранието. На тој начин се очекува од 1 јанури недела да стане неработна за 92 отсто од работниците. Но, дебатата за воведувањето на ваквата практика предизвика доста полемики во јавноста изминатиов период.

Синдикатите, коморите и бизнис-заедницата доставија свои предлози до Министерството за труд и социјална политика, кое во согласност со ингеренциите треба да го најде најдоброто решение. Надлежните посочија дека станува збор за комплексен процес и истакнаа дека во новото решение мора да се означи оти одредени сектори мора да функционираат и во недела, како здравството, полицијата, противпожарната служба…

Предлозите на учесниците во овие преговори имаат различни ставови како може да се реши ова прашање. Едни предлагаа да не се менува сегашниот закон, туку повеќе да се бара негово почитување, други се за прецизно законско дефинирање на неделата како неработен ден, трети трагаат по заедничко решение, од кое ќе бидат задоволни и работниците и работодавците.

Работодавците, пак, истакнуваат дека недела не може да биде неработен ден за сите работници бидејќи одредени дејности не можат да бидат стопирани, одредени технолошки процеси бараат континуитет, па затоа сметаат дека треба да се остави на дејностите во зависност од технолошките процеси сами да го уредат тоа со колективните договори и договорите на ниво на работодавец.

Се поставува прашањето дали укинувањето на работењето в недела, за што сѐ повеќе се говори во земјите од регионот, а најмногу во угостителско-трговската дејност, иако тие остваруваат најголем промет токму во деновите од викендот, би придонело работниците да обезбедат подобар баланс меѓу семејството и работата.

Претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) посочуваат дека во согласност со законските одредби работодавецот во договор со работникот има право да одлучи кој ден од седмицата би го уживал како ден за одмор од работа.

Во многу европски држави, како што се Австрија, Белгија, Швајцарија, Германија и Норвешка, недела е неработен ден речиси за сите правни субјекти. Во Полска има ограничување на работното време на трговските центри во недела, а ова им е дозволено само на малите трговци. За слични ограничувања се размислува и во италијанската влада.