Фото: Дарко Андоновски

И покрај продолжувањето на преговорите за трговските односи помеѓу САД и Кина, сепак, глобалната макроекономска состојба и натаму покажува знаци на слабост, при што високофреквентните податоци упатуваат на забавување на економската активност во еврозоната во второто тримесечје на оваа година

Трговските преговори меѓу двете најголеми економски сили САД и Кина сѐ уште не се завршени со договор, иако сите го очекуваа тоа. Тие продолжуваат да преговараат за трговските односи помеѓу двете земји, откако состојбата во мај ескалира со воведување нова рунда царини. Прво, од страна на САД, кои ги зголемија царините од 10 на 25 отсто за 300 милијарди долари вреден увоз од Кина, а кинеските власти за два дена возвратија исто со поголеми царини за увоз на американски производи во вредност од 60 милијарди.

Прашањето е дали Македонија може да остане имуна на кризите што го погодуваат светот, бидејќи нашата земја сѐ уште не излегла целосно од домашната криза, која резултира претходно со намален економски пораст.

Директната трговска изложеност на нашата економија кон САД и Кина е релативно мала и минатата година учеството на надворешната трговија со овие две земји во вкупната трговија изнесуваше 2 отсто со САД и 3,7 отсто со Кина.

Но, сепак, самата неизвесност и намалената доверба што ја создава трговската војна дејствува дестимулативно и, во глобални рамки, може да резултира со послаба економска активност од очекуваната.

Неодамна Народна банка истакна дека со оглед на тоа што нашата економија е вклучена во германскиот синџир на снабдување, битен канал на пренос на ризиците од растечкиот протекционизам врз нашата економија би било намалувањето на побарувачката за нашите извозни производи од германската економија, поради нејзиниот побавен пораст. Зголемувањето на неизвесноста на глобалниот амбиент, секако, може неповолно да влијае и преку каналот на финансиските текови и каналот на доверба.

– Во моментов, на меѓународен план има позитивни знаци за намалување на неизвесноста поврзана со глобалните трговски односи, откако на состанокот на Г-20 кон крајот на јуни, САД и Кина постигнаа договор за продолжување на преговорите за трговските односи меѓу двете земји. Сепак, глобалната макроекономска состојба и натаму покажува знаци на слабост, при што високофреквентните податоци упатуваат на забавување на економската активност во еврозоната во второто тримесечје на оваа година – велат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека во услови на влошени изгледи за економската активност, во јуни централните банки на еврозоната и САД сигнализираа подготвеност за преземање мерки за поттикнување на економиите.

– За нашата економија засега не се оценети позначајни директни ефекти, а индиректните ефекти во голема мера ќе зависат од тоа какви ќе бидат последиците од трговските тензии врз изгледите на нашите клучни трговски партнери, пред сѐ на Европската Унија – објаснуваат од НБРМ.

Оттаму додаваат дека, општо земено, било заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, додека согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена.
– Сепак, сѐ уште постојат неповолните ризици од надворешното опкружување. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика – додаваат оттаму.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, објаснува дека Македонија и политички и економски е доста отворена земја и високозависна од меѓународното опкружување, како надворешен сектор, надворешни ресурси, програми и слично

– Обично малите држави, а особено малите економии се диспропорционално зависни од меѓународното опкружување т.е. имаат повисок степен на зависност и ограничени сопствени внатрешни ресурси – нагласува Беџети.

Како што вели тој, ако дојде до позначителна светска економска криза, тоа може да предизвика ранливост и за нашата земја.

– Нашата економија има одредено повисоко ниво на имунитет во однос на која било од развиените економии. Но секако дека и кај нас економијата не е индиферентна во однос на случувањата во светот – додава Беџети.

[email protected]