Фото: Архива

Ниту во годините со идеален раст на БДП, како на пример 2007 година со 6,5 отсто, стандардот на граѓаните не се приближил до оној на европските граѓани. Ова честопати ја наметнува потребата од отворањето на темата за тоа колкав пораст ни е потребен за го достигнеме европскиот животен стандард и како да се стигне до него

Во текот на изминатава недела Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд ја ревидираа својата проекција за раст на бруто-домашниот производ во Македонија во нагорна линија. Сепак, и понатаму растот се движи околу три проценти, што на некој начин е и карактеристичен раст за македонската економија низ годините. Иако сме имале и повисоки стапки на раст, факт е дека сме имале и минимални, па дури и години без воопшто да порасне економијата.
Ниту во годините со идеален раст на БДП, како на пример 2007 година со 6,5 отсто, стандардот на граѓаните не се приближил до оној на европските граѓани. Ова честопати ја наметнува потребата од отворањето на темата за тоа колкав раст ни е потребен за го достигнеме европскиот животен стандард и како да се стигне до него.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека пред речиси две декади објавил анализа за потребниот раст на економијата.
– Мојата анализа во 1998 година покажа дека во најоптимистичкото сценарио, Македонија треба да расте со 5-6 отсто, а пак ЕУ да стои на место и тогаш изедначувањето со европските земји би се постигнало во 2020 година. Додека во најпесимистичката варијанта тоа би се постигнало во 2025 година. Но, еве, денес сѐ уште го немаме достигнато европското ниво – вели Беџети.
Професорот смета дека македонската економија има капацитет и потенцијал за поголем економски раст, но истакнува дека до него тешко се стигнува поради погрешните политички одлуки.

– Не се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, започнувајќи од структурните реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал како лесната преработувачка индустрија, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството. Тие би биле најбрзорастечки сектори откако би се реконструирале институциите, судството, јавната администрација – истакна Беџети.

Економистите додаваат дека годинешниот раст на економијата е позитивна промена, бидејќи се случува при неколкугодишна ниска реализација на капиталните инвестиции, но предупредуваат дека е неопходно таа да се зголеми.
– Растот во првата половина од годинава е воден од стабилноста на индивидуалната потрошувачка и од солидниот раст на бруто-инвестициите. Овој раст е целосно воден од приватниот сектор. Знаеме дека 2019-та беше најавувана како година на економијата, но тоа не се случи и фокусот на Владата и понатаму остана на политички прашања. Во тој дух е и реализацијата на капиталните инвестиции, која е значајно бавна – вели Марјан Петрески, професор по економија на Американ колеџ.
Петрески, исто така, појасни дека во минатото капиталните инвестиции се користеле како алатка за поттикнување на растот и дека државата треба да создава клима за приватниот сектор да генерира раст, а истото тоа може да го прави и преку капиталните инвестиции.

– За разлика од претходно, растот на економијата оваа година е на поширокопојасна основа, со оглед дека најголем дел сектори во економијата забележуваат пораст. Двигател на економијата се финалната потрошувачка и извозот, додека раните позитивни знаци кај инвестициите, забележани на крајот од 2018 година, сега се потврдени и стабилизирани. Во услови на отсуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот раст – велат од институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Оттаму истакнуваат дека, според нивните процени, оваа година Македонија ќе ја заврши со 3,3 отсто раст на БДП.


ММФ: Македонската економија годинава ќе порасне за 3,2 отсто

Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај ја ревидира стапката на раст за македонската економија годинава од 3 на 3,2 проценти. За наредната година ММФ предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година 3,5 отсто.
Од земјите во регионот годинава најголем раст од 4,2 отсто се прогнозира во Косово, 3,5 отсто во Србија и по три отсто во Црна Гора, Албанија и во Хрватска. ММФ ја намали прогнозата за растот на светската економија на три отсто.


Процентуален раст на БДП во Македонија

Година % на БДП

2010 3,4
2011 2,3
2012 -0,5
2013 2,9
2014 3,6
2015 3,9
2016 2,8
2017 0,2
2018 2,7
2019 (втор квартал) 3,1

Извор: НБРСМ