По досегашните владини мерки за поддршка насочени, пред сѐ, кон малите и средните претпријатија, засегнатите уверуваат оти е неопходна поддршка и за големите работодавци

Продолжувањето и заострувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во земјава уште повеќе ќе ги погодат економските субјекти, така што, по досегашните владини мерки за поддршка насочени пред сѐ кон малите и средните компании, се јави потребата за поддршка и на големите компании.
– Кризата предизвикана од коронавирусот врз домашната економија ќе ја почувствува целокупното стопанство. Многу е извесно дека нема да има сектор што ќе остане имун. Секако, различни стопански гранки се соочуваат со различни тешкотии во работењето како резултат на пандемијата. Некои од индустриите реагираат први, други негативните ефекти ќе ги чувствуваат подоцна. Но она што, секако, е важно е дека негативните резултати во секоја стопанска гранка ќе имаат удел во вкупниот минус на домашната економија – истакнува Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора на Македонија.

Стопанствениците алармираат дека се соочуваат со најголемиот предизвик досега и бараат да се реагира брзо за поддршка на целиот приватен сектор, а не само на секторите што се погодени досега. Тие укажуваат дека е потребно да се најде заедничко решение за да се зачуваат работниците, кои стопанството и онака тешко ги наоѓа.
– Најголем дел, или 90 отсто, од производството во металургијата е наменет за извоз, нашите коминтенти се од најзагрозените земји, а дел се во карантин. Се надеваме ќе се создадат услови за минимална работа, но никој не знае што ќе се случува во следните два месеца – вели претседателот на Здружението на металургија, Ацо Попоски.

Кога се во прашање големите компании, упатените укажуваат дека, покрај големиот број вработени што ги имаат, нивното опстојување е исто така значајно, бидејќи тие дополнително ангажираат уште седум други вработени од помалите претпријатија преку набавките што ги прават. Моменталната ситуација на пазарот на трудот им налага и на компаниите дека мора и сами да креираат мерки за да ги зачуваат работниците.
– Компанијата работи со полн капацитет за исполнување на нарачките во период од два и пол месеци. За таа цел е потребно дефинирање на приоритетниот транзит, кој ќе се обезбеди и за другите индустрии, и дефинирање на динамиката за проток на истите тие. Потребни се фискални мерки за големите работодавци, во спротивно сме принудени да се задолжуваме во домашните банки или да бараме финансиска поддршка од компаниите мајки, кои исто така се погодени од моменталната ситуација – вели Петар Јаневски, втор извршен директор во „Макстил“.

Некои од компаниите со голем број работници го запреа производството и ги испратија работниците на колективен одмор. Неможноста да дојдат до репроматеријали или, пак, да организираат работење во согласност со новите протоколи, некои од нив ги принуди да го прекинат производството, додека, пак, други се обидуваат да се приспособат на новите услови во обид да ги зачуваат ликвидноста и работниците.
– Сега немаме проблеми со снабдувањето, но за еден месец, доколку ситуацијата остане непроменета, ќе се соочиме со проблеми во снабдувањето, што би значело забавување на активностите во нашата индустрија, а тоа ќе го отвори и прашањето со вработените. Голем проблем ќе се јави во дотурот на свеж капитал од странство. Сѐ стои, а цените на превозот растат. Искрено, годинава ја почнавме солидно, но актуелната состојба ни ги поместува плановите – објаснува Горан Антевски, генерален менаџер на „Раде Кончар“, членка на Здружението на металната и електроиндустријата.

Претставниците на автомобилската индустрија во земјава веќе укажаа дека се соочуваат со сериозни предизвици и дека кризата во нивното производство почна уште со појавата на новиот вирус во Кина, од каде што им стигнуваат материјали. Тие апелираат државата да размисли и за поддршка на големите компании, оти имаат голем број работници и опфаќаат голем дел од извозот.
– При формирањето на мерките за поддршка, државата мора да има предвид дека компаниите од автомобилската индустрија се најголеми извозници и најголеми работодавци, но и дека нивното производство е софистицирано, па е многу важно да ги задржат овие извозни компании.

За таа цел, треба да се креираат дополнителни специфични мерки за овој сектор, кој ќе биде меѓу најпогодените и на локално и на глобално ниво. Фирмите мајки следат каква помош обезбедуваат државите, а тоа може да биде поттик за идни инвестиции – објасни Виктор Мизо, директор на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.
Од Стопанската комората објаснуваат дека со одложување на кризата, во услови на намалени или целосно откажани нарачки, странските компании во слободните зони ќе бидат принудени да преземат драстични мерки за оптимизирање на производството.
– Целта на запирањето на производството е првенствено да се заштитат вработените. Покрај тоа, прекината е испораката на делови во целиот свет.

Никој не може точно да предвиди до кога ќе трае кризата, колкави последици ќе има таа и колкави штети ќе претрпат македонските доставувачи од автомобилскиот сектор. Во овој сектор во Македонија се вработени над 20.000 луѓе, додека неговото учество во извозот надмина 55 отсто од вкупниот извоз од државата. Сепак, извесно е дека автомобилската индустрија на глобално ниво ќе се соочи со многу силен удар, штетите ќе се бројат во милијарди евра и ќе помине подолг период за нејзина целосна консолидација – истакна Георгиева-Јовевска.