Неопходна е дерегулација за пораст на економијата

Во Македонија во примена се речиси 1.400 законски прописи – кои понатаму се доработувани со илјадници правилници, упатства, одлуки. Да не зборуваме за тоа дека речиси нема закон што не е менуван по неколкупати. Имаме голем број закони, правилници, обемна регулатива, која ги парализира и поскапува производството и водењето бизнис и директно се одразува врз економијата

Големиот број закони донесени од македонските власти, нивното менување и дополнување, доведуваат до ситуации кога за ист сегмент има спротивставени одредби, кои создаваат забуни кај македонските граѓани и кај компаниите. Како што укажуваат упатените, голем дел закони се преклопуваат, а честопати имаат и спротивставени одлуки.

– Никој не го отвора прашањето на преголемата регулираност што ја имаме во системот. Во Македонија во примена се речиси 1.400 законски прописи – кои понатаму се доработувани со илјадници правилници, упатства, одлуки… Да не зборуваме за тоа дека речиси нема закон што не е менуван по неколкупати, а имаме и рекордери како Законот за градење или Законот за работните односи, кои се менувани по повеќе од дваесетина пати. Замислете го ангажманот што треба една компанија да го вложи, за да го усогласи своето работење со сите овие прописи, кои, патем, неретко се во колизија и самите помеѓу себе. Ова е проблем и за големите компании, кои имаат цели правни служби, а уште повеќе и за малите компании, со десетина или помалку вработени – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Азески истакна дека поради ваквата состојба итно ни е потребна дерегулација, со која ќе се поедностави правниот систем, ќе се намали бројот на прописи, но наедно и ќе се отстранат спротивставеностите за исто прашање во различни закони.
– Процесот нема да биде ниту лесен ниту брз, но ако сакаме бизнисот да преживее, ќе мора да се постават темелите на нов законодавен систем што побрзо. А процесот на скрининг за пристапните преговори со Европската Унија што почнува оваа недела е добра шанса за ова – заклучува Азески.

Претседателот и судија на постојаната арбитража при Стопанската комора на Македонија, наедно и менаџер во „Рафајловски консалтинг“, Горан Рафајловски, истакнува дека дерегулацијата е добра за да се исчистат законите. Рафајловски потсетува дека во Македонија веќе била спроведена една успешна и голема дерегулација, која се спроведуваше од 2006 до 2008 година.
– Неопходно е постојано да имаме дерегулација, бидејќи не може да се има едно правило во еден закон, а во друг закон поинаку да е дефинирано. Или, пак, во еден закон да има одредби за нешто, а во друг, што ја засега истата област, да го нема тоа правило. Имаме доста забуни кога станува збор на пример за даноците, едноставно е невозможно да се работи со двојни аршини, особено кога се инволвирани даночните обврзници. Затоа сметам дека треба да има точно правило во даночните такси или, пак, во Законот за даноци – вели Рафајловски.

Сепак, тој истакнува дека дерегулацијата не е пресудна за развој на компаниите, односно дека таа не е најзначајна за нивниот опстанок, но ќе биде олеснителна околност за работата на компаниите.

– Приспособувањето на законите според потребите, навиките, знаењето, одговорноста, свеста на управители во македонските компаниите пред сѐ би значело порака за стабилност, градење доверба и промоција на економски дијалог. Сепак, јас повеќе би говорел за елиминација на парафискалните трошоци за водење бизнис во сите сектори, дисперзија на јавните овластувања и јавните услуги низ дисперзирани владини ресорни агенции и институции. Градење доверба врз основа на градење утврдени принципи и постапки од сите области на социоекономската сфера, силен фокус на институции што ќе ја регулираат и контролираат нелојалната конкуренција, односно сивата економија, фер даночната политика и спроведувањето на децентрализирана бизнис-регулатива – смета Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Бошков истакна дека на овој начин компаниите би стекнувале доверба и сигурност за инвестирање и водење бизнис.

– Со олеснувањето на законските постапки за водење бизнис, со претежен фокус на компаративно усогласување на стопанските закони со законите на економиите во регионот и ЕУ, би можело да се подобри функционирањето на бизнисите. Мора да се има предвид дека „лесното“ водење бизнис не е дерегулација, туку применлива и фер регулација важечка за сите – заклучува Бошков.
Преобемната законска регулатива го кочи и земјоделското производство, смета Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори. Тој посочува дека постојано се носат нови закони и се изменуваат и дополнуваат постојните, а тоа им создава дополнителни проблеми на земјоделците и го намалува интересот за оваа дејност.

– Земјоделците, наместо да се занимаваат со орање, копање, садење и други земјоделски активности, мораат да се занимаваат со административни работи. Имаме голем број закони, правилници, обемна регулатива што ни го парализира и поскапува производството. Мора да направиме дерегулација, да се поедностават прописите. Голем проблем се и казните, кои се дополнителен товар за земјоделците – додава Оровчанец.
Тој укажува дека земјоделското производството бележи континуиран пад во изминатите 35-40 години, а како една од причините го наведува и честото менување на законите што не му оди во прилог на земјоделското производство.