Пандемијата од вирусот корона-19 ѝ зададе силен удар на услужната индустрија, која опфаќа три четвртини од европската економија. Одржувањето во кондиција на услужната дејност минатата година беше клучно за Европа да не падне во рецесија. Но сега, кога самата ЕУ и државите сѐ позабрзано се затвораат, а некои прогласуваат и дополнителни вонредни мерки, рецесијата се чини неизбежна, сметаат аналитичарите на Блумберг. Клучно е, според нив, да им се помогне на компаниите да ги покријат трошоците и да го преживеат намалувањето на текот на парите додека не се поправи ситуацијата

Аналитичарите на Блумберг сметаат дека економската рецесија ќе биде неизбежна

Иако сѐ уште не постојат целосни податоци за тоа колкава штета ќе предизвика ширењето на коронавирусот, како и тоа колку ќе трае, сите знаци укажуваат на тоа дека Европа ќе падне во финансиска криза.
Имено, пандемијата ѝ зададе силен удар на услужната индустрија, која опфаќа три четвртини од европската економија и чиј опстанок лани беше клучен Европа да не падне во рецесија, која инаку би ја предизвикал падот на индустриското производство. Авиокомпаниите ги откажуваат летовите, владите ги затвораат училиштата, се прогласува општ карантин во државите, рецесијата се чини неизбежна, сметаат аналитичарите на Блумберг.

Членките на ЕУ под голем притисок

Факт е дека Италија со над 25.000 потврдени случаи е најтешко погодена од вирусот, но тој брзо се шири и во другите европски стопанства. Франција, освен што прогласи карантин, ги затвори сите претпријатија, продавници и услуги што не се круцијални за преживување, а Шпанија прогласи вонредна состојба и карантин. Германија сѐ уште не се решила на тој чекор, но само прашање на време е кога ќе го направи. Берлин најави сопствени остри мерки за да го спречи ширењето. Покрај затворените училишта, кафулиња и ресторани, откажани се сите спортски настани. Ирската влада, пак, ги откажа сите јавни собирања планирани за Денот на св. Патрик, празникот вреден милиони евра.
Компаниите како „Ер-би-ен-би“ и „Бритиш ервејс“ исто така ги менуваат своите политики на откажување и враќање на парите. Од германска „Луфтханза“ најавија дека ќе бараат кредит од германската државна банка, а како последно решение за спас на таа авиокомпанија се споменува и државно купување на нејзиниот удел.

Прогнозите за економски раст намалени

Веќе се намалени сите прогнози за економски раст во Европа, па сѐ повеќе земји, иако нивните влади ветуваат трошење милијарди за да ги спасат компаниите и домаќинствата, ја гледаат рецесијата како најреално сценарио за првата половина на годината, а слично прогнозираат и европските службеници.
Таквите предвидувања впрочем и не зачудуваат, бидејќи само за неколку недели светот е превртен наопаку. Централните банки се принудени да ги ублажуваат монетарните политики. Дури и Германија, која инаку не е склона кон дефицит, најави дека ќе потроши колку и да е потребно за да се бори со економските последици на коронавирусот.
Сѐ уште се чека одговорот на Европската Унија, односно нивните мерки со кои би се избегнало ударите со краткорочен пад на економијата да не станат подолгорочни. Клучно е, пишува Блумберг, да им се помогне на компаниите да ги покријат трошоците и да го преживеат намалувањето на текот на парите додека не се поправи ситуацијата.
– Сакаме да ги спасиме компаниите и што е можно повеќе работни места за да избегнеме трајна штета за стопанството – рече Валдис Домбровскис, потпретседател на Европската комисија.

Војната со вирусот ќе остави последици во стопанството

Пандемијата на коронавирус годинава ќе предизвика рецесија во ЕУ, изјави неодамна европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон.
Пандемијата ги наруши глобалните синџири на снабдување, многу земји ги затворија границите, а Италија и Шпанија воведоа карантин. Светската здравствена организација неодамна ја прогласи Европа за ново жариште на епидемијата.
– Очекуваме рецесија во 2020 година. Во војна сме со вирус и таа војна ќе остави последици по стопанството. Пред кризата очекувавме дека стопанството на континентот ќе расте околу 1,4 отсто, а сега очекуваме негативно влијание од 2 до 2,5 отсто – изјави Бретон за БФМ бизнис-радио.

Франција застана на чело на оние во Европа што повикуваат на големи и координирани фискални стимулации. Многу мерки со кои би требало да се ублажи ударот на стопанството веќе се преземаат на ниво на одделни земји, но постојат уште многу механизми на располагање што би требало да се активираат. Сепак, ако е пандемија, тоа значи и дека војната против неа е нова светска војна и треба со здружени сили да се извојува победата, не само здравствена туку и економска.