Фото: Дарко Андоновски

Високо ниво на подземните води, топење на снегот и обилни дождови во најава (2)

Наглото топење на снежните прекривки енормно го покачува нивото на подземните води и го намалува апсорпцискиот капацитет на почвата, поради што се создава опасност од поплави, висок водостој, порои, како и опасност од излевање на реките. Ова е причина за вклучување на копчето за аларм и кај нас во Македонија, дотолку повеќе што во текот на изминатиов викенд во Босна и Херцеговина, Словенија и во Хрватска, поради обилни врнежи, имаше големи поплави во одредени региони. „Нова Македонија“, со обиколка на најкритичните точки и разговор со месното население, се потруди да дознае каква е состојбата на терен кај нас

Нерасчистени или целосно затнати одводни канали што треба да послужат за собирање на водата што се слева од планината поради топење на снегот е сликата што ја забележавме во неколку населени места под Попова Шапка. Некои од каналите, онаму каде што ги има, се премногу мали за да прифатат поголеми количества вода во случај на нагло топење на снегот и прилив на поголем воден бран, но и по најавата за можни нови врнежи во текот на неделата. Одредени населени места, пак, иако се позиционирани по стрмнината на планината, сепак, воопшто немаат одводни канали ниту, пак, каков било систем за опфаќање на водите што се насобираат при топење на снегот или, пак, при обилни врнежи од дожд.

Граѓаните загрижени и револтирани, секако од оправдани причини, укажуваат дека не се преземаат конкретни мерки за спречување нови катастрофални поплави. Некои од нив посочија дека исто така сѐ уште не се санирани штетите од поплавите што се случиле во изминативе години, особено од големите поплави, во кои имаше и човечки жртви. Ова се генералниот впечатокот и сликата што ја доби нашата екипа по обиколката на теренот во Тетовско и разговорите со тамошните жители.

Каналот во местото Мала Речица само делумно е саниран по направените штети, патот што поминува веднаш до него воопшто не е коригиран. Но она што загрижува е што каналот е претесен да опфати поголеми количества вода доколку дојде до нагло топење на снегот. Месното население посочува дека честопати е принудено само да го расчистува теренот во ситуации кога ќе се натрупа поголемо количество земја, за да се избегне поголема поплава, како онаа во 2015 година, кога имаше и шест човечки жртви.

– Ништо не е средено за да нема поплави, треба каскадно решение од планината надолу, за да се смири водата и да не предизвикува толку големи штети. Иако помина многу време, ништо не е средено, граѓаните сами чистат и средуваат за да не се случи пак истото, но, сепак, и понатаму имаме затнати или разурнати шахти, па во случај на поголем прилив на вода има опасност од нови поплави – вели Аметали Реџепи, жител на Мала Речица.

Реџепи посочи дека во големата поплава имал претрпено штета во својот дуќан од 10 илјади евра, но обесштетувањето што му било понудено било само 800 евра. Тој посочува дека за водата мора да се остави пат, дека таа може да се канализира, но дека тоа треба да се спроведе на многу внимателен и темелен начин, за да нема нови штети и нови рушења на теренот. Предупредува дека со затнати канали, односно нерасчистени канали, при што протокот на вода е стопиран на одредени локации, повторно може да дојде до големи поплави.

Од поплави стравуваат и жителите на населеното место Порој, кои истакнуваат дека над нивните куќи има дол во кој се насобира големо количество снег или замрзнат дожд, па при обилни топења на снегот насобраната вода честопати создава проблеми и носи сѐ пред себе.

– Овде нема канали за собирање на водата, но решение на проблемот може да се најде ако се сака. Единствено трајно решение на овој проблем, кој честопати се повторува, е со акумулации или друг тип слично решение, бидејќи поставеноста на теренот е таква – вели жител на Порој.

Слична е ситуацијата и во другите населби под Шара, а месното население загрижено коментира дека се неопходни трајни решенија од надлежните, кои изминативе години ги нема. Бараат урбанистички да се решаваат сливовите и, секако, да се чистат каналите за водата без прекин да тече низ Полошка Долина и да се слева во Вардар.
Состојбата со нерасчистени канали е слична и во околината на Скопје и подножјето на Скопска Црна Гора, чии жители изминативе години исто така се соочуваа со големи последици од надојдените води.

Фото: Дарко Андоновски

Поплави на векот во Австралија

Поплавите што опфатија делови од Квинсленд, Австралија, се очекува да се влошат поради најавите за нови посилни дождови во областа. Властите биле принудени да отворат канали на големата брана на реката Рос, поради што настанале „опасни и големи брзински текови“. Во Таунсвил, главниот извозен центар за бакар, цинк, олово и шеќер, повеќе од 1.100 луѓе се евакуирани, додека 20.000 дома се изложени на ризик да бидат преплавени ако продолжат дождовите. Властите предупредија жителите да внимаваат на крокодилите и на змиите забележани во резиденцијалните области.