Потребен е сериозен пристап, не паушални решенија, Македонија старее, a младите масовно се иселуваат Фото: Игор Бансколиев

Македонија сѐ уште има висока стапка на невработеност, а една од причините е неусогласеноста помеѓу образовниот систем и потребите на стопанството

Технички контролор, молер, монтер, продавач, келнер… Ова е само мал дел од огласите што секојдневно се објавува на сајтовите за вработување или на веб-страницата на Агенција за вработување на Република Македонија. Некои од огласите може да се забележат подолг период, а многу и се повторуваат. Се наметнува прашањето како при висока стапка на невработеност и понатаму има голема побарувачка за работна сила.
Разидувањето меѓу образованието и потребите на пазарот, пребирливоста на населението, бидејќи секој не сака да работи какава било работа, но и законските недоследности при објавувањето оглас се некои од причините за непополнувње на испразнетите работни места. Експертите укажуваат дека проблемот е многу поголем и неопходна е системска и темелна анализа што ќе резултира со сериозни решенија и програми.

– Неопходна е сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига. Ние како бизнис-заедница веќе со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што навистина поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Но ниту една влада не се заложува, иако сите ветуваат, да направи таква програма. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема на која ѝ е потребен сериозен пристап – истакнува Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“, член на Стопанската комора на Македонија.
Рафајловски објаснува дека стапката на невработеност е нереална бидејќи прво немаме реален попис за да знаеме со колкаво население располагаме и, дополнително, имаме активни и пасивни барачи на работа, односно има такви што се пријавуваат за невработени само заради бенефиции.

– На нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат. Друг проблем е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата – посочува Рафајловски.
Тој истакнува дека факултетите што имаат просперитет за вработување високообразован кадар како ФИНКИ се празни, додека оние за општествени науки се полни, иако со истите тие е тешко да се најде работа.
– Сето ова е резултат на лошата економска политика и владеење, кои не можат да се поправат прекуноќ. Сепак, решение мора да се бара, а тоа решение треба да почне да се применува од утре. Мора да истакнеме и дека бројките за невработеност не се реални, многу од невработените работат на сиво, инаку не би можеле да преживеат, ниту пак државата ќе опстоеше со толкава невработеност и со толку голема администрација – додава Рафајловски.

Тој укажува и на фактот дека европскиот пазар на трудот, особено Германија, вработува голем дел од образованиот кадар и дека многу брзо може да се случи да имаме недостиг и од медицински кадар.
– Потребен ни е сериозен пристап, не паушални решенија. Македонија старее, младите масовно се иселуваат, ќе завршат факултет и ќе заминат на работа во Малта како келнери или, пак, во Германија како мајстори за три илјади евра плата. Трагично е што досега немаме ниту една стратегија за тоа каде ќе оди државата – заклучува Рафајловски.
Искуствата се различни, додека работниците се жалат дека работодавците очекуваат многу од една работна позиција, работодавците велат оти е тешко да се најде соодветен кадар особено за специфични занаетски струки.

– Неусогласеноста на понудата и побарувачката на пазарот на трудот е првата причина за голем број невработени, но и за празни работни места. Многумина од невработените се неквалификувани, со средно образование, гимназија, а огласите се за стручни занимања – вели Раде Ненадиќ, директор на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Тој додава дека нема интерес за изучување средни стручни училишта, дека многу од младите завршуваат високо образование од општествените науки, педагози, психолози, историчари… струки што не се барани на пазарот на трудот. Додека професии како бравари, металостругарски мајстори, ѕидари, стаклари, столари… ги нема воопшто на пазарот, а се барани, но како што истакнува Ненадиќ, за нив нема интерес за изучување.
– Нема кој да ги насочи младите да изучуваат стручни училишта, нема систем што ќе им покаже за која струка се добри, па најчесто се насочуваат кон гимназии. Од друга страна и државата е така поставена што сите сакаат да работат во јавна администрација, во банки, финансиски институции, администрација. Како пример ќе посочиме дека чистачките во општините имаат поголема плата од мајсторите, па затоа младината сака да работи во администрација и не е заинтересирана за струка. Неопходно е да се смени нешто во образованието и во системот на вредности, бидејќи сега имаме недостиг од одредени кадри, но дупката ќе биде уште поголема – заклучува Ненадиќ.

Уште еден проблем на кој укажуваат инволвираните е законската недоследност, со која се овозможува еден оглас да биде активен подолг период, па дури и откако е пополнето работното место.
– Високата стапка на невработеност прво е нереална, бидејќи имаме две групи граѓани што се пријавуваат, едните активно бараат работа, а другите се регистрираат за социјалните примања. Но високата стапка на невработеност и големиот број огласи се резултат и на уште една недоследност. Имено огласите остануваат и по шест месеци активни, иако можеби за нив е веќе најден кандидатот, бидејќи не постои законска обврска истиот тој да се затвори – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на работодавци. Бошков потврдува дека има разидување меѓу образованието и потребите на бизнисот, но посочува дека поради овој проблем многу од компаниите се подготвени да ги обучат кандидатите за да го исполнат работното место.
– Факт е дека има струки за кои не е доволна само обука, но ако фирмата има потреба од еден кадар таа ќе инвестира за да може да напредува. Никој не почнува веднаш да ги извршува сите обврски, туку постепено се воведува во работните обврски – заклучува Бошков.

Инаку, работодавците законски се обврзани да го објават слободното работно место, за потоа да го пријават работникот или од Агенцијата за вработување да побараат кандидати што ќе одговараат на наведените услови. При посредувањето се повикуваат невработени лица, лица што се подготвени веднаш да прифатат вработување, но конечниот избор останува на работодавецот.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година, активното население во Република Македонија опфаќа 954.212 лица, од кои вработени се 740.648, а 213.564 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 56,8 отсто, стапката на вработеност 44,1 проценти, додека стапката на невработеност изнесува 22,4 отсто.