„Пандемијата“ ги зафати сите сектори / Фото: Игор Бансколиев

Економските податоци укажуваат дека расте бројот на компании што имаат проблеми во извршувањето на своите секојдневни активности, но и бројот на компании што целосно го запреле своето производство или својата дејност. Токму поради ваквите состојби се стравува дека компаниите би можеле да се соочат со проблеми во одржувањето на ликвидноста

Од брзата и ефикасна реакција на државата зависи лавовскиот дел за спас на економијата

Ригорозните мерки за сузбивање на ширењето на ковид-19 сѐ повеќе ја „разболуваат“ и домашната економија. По затворањето на угостителските објекти, како и на трговските центри, „пандемијата“ ги зафати и другите сектори. Економските податоци укажуваат дека расте бројот на компании што имаат проблеми во извршувањето на своите секојдневни активности, но и бројот на компании што целосно го запреле своето производство или својата дејност. Токму поради ваквите состојби се стравува дека во следниов период, поточно во мај, голем дел компании би можеле да се соочат со проблеми во одржувањето на ликвидноста.

– Не сакам да звучам песимистички, меѓутоа мислам дека сме во очекување на криза со ликвидноста. Очекуваме тоа да се случи наредниот месец, затоа што ќе застанат плаќањата меѓу субјектите и ќе дојдеме во ситуација во која секој ќе превенира и ќе сака да ескивира. Тука мислам дека клучно за надминување на состојбата е државата да ги спроведува контролните механизми, но и брзината со која ќе ги обезбеди средствата што треба да дојдат однадвор, како и од внатрешни извори. Ако дојде до поголемо влошување на ликвидноста на компаниите, тоа остава сериозна трага во тековното работење, во инвестициското работење, кај резервите и во сите можни сегменти на работењето. Тоа може да ѝ нанесе сериозни штети на целата економија – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Според него, државата со сопствен пример треба да покаже како се постапува во криза и навреме да ги исплаќа побарувањата кон компаниите.

Погодени се 75,9 отсто од компаниите

Анкетата спроведена од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажа дека од корона-кризата се опфатени три четвртини од вработените и од компаниите во Македонија. Состојбата кај самовработените и кај микробизнисите е дополнително критична, нагласуваат од институтот.
– Најчестиот механизам што го применувале работодавците за приспособување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на сите дополнителни исплати. Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил. Повремените приходи прекинале кај невработените со инцидентни работни ангажмани – истакнуваат од „Фајненс тинк“ и додаваат дека 75,9 отсто од компаниите се погодени преку затворање или пад на прометот.

Пред краток период и директорката на Управата за јавни приходи, Соња Лукаревска, посочи дека наплатата на бруто ДДВ за првите 14 дена од април е намалена за 29,19 отсто во споредба со истиот период 2019 година.
Првиот човек на СКМ истакна дека е тешко да се утврди колку пари му должи државата на стопанството, како поврат на ДДВ, но нагласи и дека давачките кон државата се големи, особено нагласувајќи ги парафискалните давачки.
– Компаниите се борат и со проблемот со давачките што ги воведуваат разни органи, агенции, или на локално ниво јавни претпријатија, бидејќи секоја општина сега има и по десетина јавни претпријатија.

Во согласност со процената што ја имаме правено, само за парафискални давачки економијата губи годишно меѓу 300-400 милиони евра, давачки што не се регулирани. Доколку тие се решат, ако навреме државата ги исплаќа своите обврски кон стопанството, како и да се решат парафискалните давачки, државата ќе стане поревносен играч на пазарот, односно ќе стане рамноправен партнер со приватниот сектор во плаќањето на обврските. Тогаш ќе можеме да водиме правилен натпревар, а сега имаме ситуација во која државата располага со три и пол милијарди и со армија од 200.000, а нашите најголеми фирми имаат приближно 1.200 вработени и обрт од 200-300 милиони. Државата треба да се врати во регулаторната функција, да ги намали трошоците колку може, да даде поттик приватниот бизнис да оди напред.

Во регулирањето на тие односи треба да биде немилосрдна и да ги санкционира сите неправилности на фирмите. Така се станува зрела држава, за никого да нема никаков попуст. Не може јас да не можам да наплатам од државата, а таа да може да ги врши плаќањата кога сака. Тогаш не сме рамноправно поставени – објаснува Азески и истакнува дека е време да се разговара за намалување на буџетот и за негово доведување во разумни рамки со укинување на непотребните субвениции и намалување на давачките што ги имаат фирмите и граѓаните кон државата.

Внимателно со задолжувањето

Во поглед на задолжувањето, претседателот на Комората укажува дека стручњаците знаат дека Македонија е средно задолжена земја и дека сите наши соседи се позадолжени од нас, па како пример ги посочува Црна Гора со 105 отсто задолженост од БДП, Грција со 134 проценти, Хрватска со над 150 отсто…
– Ние сме во состојба да можеме уште да се задолжуваме, но тоа треба да го правиме за продуктивни работи и за спас на населението, за спас на бизнисите. Да не ги злоупотребиме тие пари, туку да ги употребиме за вистинска намена.

Значи, има простор за задолжување и институции каде што може да се задолжиме, но поради состојбата во светот, голема е веројатноста дека ќе платиме поскапо ако не сме реагирале навреме. Затоа треба да имаме луѓе што знаат да го направат тоа, а има такви. Така граѓаните ќе бидат спокојни дека ако државата решила и рекла дека ќе ги употреби сите можни средства да ги спаси работните места и економијата, дека тоа и ќе направи – заклучува Азески.
Деновиве Меѓународниот монетарен фонд посочи дека македонската економија годинава ќе падне за четири отсто, поради запирањето на економската активност предизвикано од пандемијата на ковид-19. Но од Фондот посочуваат дека дополнителен проблем ќе биде прелевањето на глобалната рецесија кон земјава.

– Се очекува пад на приватната потрошувачка во услови на зголемена невработеност, пад на трошењата за патувања, угостителство и забавата, кои се намалени поради регулаторните ограничувања. Приватните инвестиции, исто така, ќе доживеат негативен раст, бидејќи плановите се одложени за кон крајот на годината, а се предвидува и пад на извозот, бидејќи европската автомобилска индустрија престанува со производство. Фискалната позиција се очекува да се влоши. Со мерките за ограничување, остро ќе се намалат профитите на фирмите, вработеноста и потрошувачката, создавајќи значителни недостатоци на приходите во однос на буџетските износи – стои во извештајот.

ММФ наведува дека Владата и Народната банка презеле мерки за ублажување на последиците од кризата од ковид-19, што е добро. Се тврди дека банките се стабилни. Експертите на Фондот истакнуваат дека Македонија доби 176 милиони евра од ММФ, но дека ќе ѝ бидат потребни уште дополнителни 200 милиони евра.