Најголем број поплаки, поточно 800, имало во Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството Фото: Игор Бансколиев

Минатата година, како што објави ССМ не се евидентирани обраќања во врска со вознемирување на работното место

Работниците во државата најмногу се жалат на неисплатени плати, надоместоци и придонеси. По оваа основа, во текот на 2018 година во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се пристигнати 840 обраќања од работници.
Потоа следуваат обраќањата по основа на права од стечајна постапка каде што се поднесени 343 поплаки, за синдикални права има 221, за прекувремена работа 76, за годишен одмор 72 и регрес за годишен одмор 50 обраќања.

Минатата година, како што објави ССМ вчера, не се евидентирани обраќања во врска со вознемирување на работното место.

Податоците на синдикатот покажуваат дека од вкупно 1.637 обраќања најголем број, поточно 800, имало во Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), потоа 212 во Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс, 135 во Синдикатот од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) и 129 во Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Поднесени се четири тужбени барања, водени сe пет расправи и добиени се шест пресуди.

Во однос на превентивната заштита на работничките права, ССМ информира дека се дадени 1.298 совети, изработени се 147 мислења, 52 барања и 34 приговори. Е.Р.