Фото: Игор Бансколиев

Македонската економија ја засегаат прашањата за енергетската криза и за поскапувањата на прехранбените производи и услуги и како сето тоа ќе се одрази на растот на економијата, но и врз граѓаните, дали ценовните притисоци ќе влијаат на стабилизацијата на економијата, со оглед на тоа што Народната банка изврши корекција на инфлацијата за годинава од 2,2 на 3,1 отсто

Економското закрепнување во Македонија сѐ уште е попречено од пандемијата и нејзините последици, а клучни фактори на ризик се инфлаторните притисоци. Растот на цените, пандемијата, енергетската криза и нарушените синџири на снабдување ја зголемија инфлацијата. Македонската економија ја засегаат прашањата за енергетската криза и за поскапувањата на прехранбените производи и услуги и како сето тоа ќе се одрази на растот на економијата, но и врз граѓаните, дали ценовните притисоци ќе влијаат на стабилизацијата на економијата.
Според Државниот завод за статистика, трошоците за живот во октомври годинава се за 4,1 отсто повисоки од истиот месец лани. Храната е поскапена за 4,6 отсто, а транспортот за 18 отсто. Маслата се поскапени за 25 отсто, зеленчукот за 12 отсто, а гасот и горивата над 30 отсто.
Народната банка на Македонија изврши корекција на инфлацијата за годинава на 3,1 отсто од априлската проекција од 2,2 отсто. На почетокот на годинава Народната банка очекуваше инфлацијата годинава да биде 1,5 отсто. Оценката на монетарната власт дејствува загрижувачки, бидејќи е резултат на неповолните ценовни движења и неизвесноста што е присутна, пред сѐ поради влијанијата на надворешни фактори.
Според професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен, на кој треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Според индексот на цените на мало, инфлацијата веќе достигнува околу 4 отсто, и можеби годинава ќе заврши до 5 отсто инфлација. Тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница – истакнува Беџети.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека во моментов постои притисок врз цените кај одредени производи, од кои највидливи се оние што граѓаните ги гледаат во маркетите и на зелените пазари, и секако оправдана е нивната загриженост.

– Со излегувањето на пандемијата и заздравувањето на побарувачката, се создава одреден притисок врз цените, меѓутоа кај повеќето производи понудата сѐ уште не може да одговори адекватно, дел поради сѐ уште отежнатото снабдување детерминирано од тековниот бран на пандемијата, а дел поради нарушено менаџирање на резервите уште од претходната година. Во таа смисла, сметам дека шокот кај цените е во голема мера од привремен карактер и се очекува стабилизација во 2022 година. На среден рок, новата нормала ќе донесе нов однос на понудата и побарувачката на пазарот, меѓутоа централните банки имаат инструментариум со кој тој процес се менаџира и ќе биде под контрола – додава Петрески.
Состојбите со внимателност ги следат и во бизнис-секторот, кој периодов е притиснат од повеќе страни, внатрешни но и надворешни, и ефектите во реалниот сектор загрижуваат.
– Инфлацијата во нашата земја зависи од многу фактори, а особено имајќи предвид дека ние како земја сме зависни од увозот и токму од тој фактор зависат и цените. Ако ја третираме проблематиката со генералните макроекономски стандарди, секоја инфлација што не ја надминува стапката од 5 отсто, не мора да биде загрижувачка и платите на потрошувачката сила може да се справат со тоа. Но нашите компании и нивните производи се погодени двојно од истиот ефект. Компаниите од нашата земја веќе еден значителен период увезуваат поскапи добра и услуги, а дополнително, поради покачувањето на цените на енергентите, тие плаќаат и поскап транспорт за нив. Со покачувањето на цените на енергентите и во нашата земја, се зголемуваат дополнително трошоците на компаниите, кои ќе треба да се покриваат со цената на добрата и услугите, што дополнително ќе ја отежни куповната моќ на нашата земја – истакнаа за јавноста од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Бизнис-секторот вели дека инфлацијата што претстои е дополнителен шок со кој ќе треба да се справат компаниите, но и граѓаните.

Според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки и нема потреба од инстантни реакции и мерки на Народната банка.
– Следната година инфлацијата ќе се стабилизира и проектираме стапка на инфлација во 2022 година од 2,4 проценти, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок – посочи Ангеловска Бежоска.
Таа додаде дека доколку има пролонгирани ефекти за енергетската криза, ќе се одразат на повеќе сегменти. Затоа, како што споменува, прават умерена нагорна корекција и на трговскиот дефицит, а причината е токму порастот на светските цени на храната и енергијата, привремениот застој кај синџирите за снабдување што го забавува извозот и постепеното закрепнување на домашната побарувачка.