Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу од погодените сегменти на стопанството бараат и ќе бараат помош од државата, но јас би сакал да истакнам дека на државната помош не треба да се гледа само од аспект на исплата на пари, туку повеќе во еден вид даночни ослободувања. Од друга страна, мора да посочам уште еден сегмент на кој сметам дека треба да работат домашните компании, а тоа е поголема промоција и поголем контакт со потенцијалните клиенти преку дигиталните алатки, вели претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија

Претставниците на бизнис-заедницата од различни сектори викендов побараа побрзо формирање на новата влада и нови мерки за поддршка на економијата, укажувајќи дека некои од секторите се пред колапс и дека им се заканува затворање на компаниите. Со свои барања излегоа од Организацијата на работодавци на Македонија, а се огласија и туристичките работници, кои бараат укинување на дел од рестриктивните мерки поради кои посочуваат дека се доведува во прашање опстојувањето на нивната дејност.
Колку ќе успее поддршката од државата навистина да ги зачува работните места во екот на пандемијата, во периоди кога неизвесноста сѐ уште трае? Економските параметри укажуваат на значителен пад на производството, пад на извозот, поради што барањата за помош од државата почнаа да зачестуваат.
– Фактот дека состојбите во светот и кај нас не се подобруваат не можеме да го игнорираме и дополнително проблемите се чувствуваат низ сите економски сектори, не само во одредени.

Многу од погодените сегменти бараат и ќе бараат помош од државата, но јас би сакал да истакнам дека на државната помош не треба да се гледа само од аспект на исплата на пари, туку повеќе во еден вид даночни ослободувања, ослободувања од обврските кон државата за зачувување на работните места. Во спротивно голема е опасноста да се најдат сѐ поголем број граѓани во групата на невработени и во социјалните групи на кои ќе им биде потребна финансиска помош. Од друга страна, мора да посочам уште еден сегмент на кој сметам дека треба да работат домашните компании, особено оние во текстилниот кластер, а тоа е поголема промоција и поголем контакт со потенцијалните клиенти преку дигиталните алатки. Од почетокот на пандемијата, тимот што работи во ИКТ-индустријата им е на располагање на компаниите за формирање дигитални алатки за пристап кон нови клиенти за откривање нови алатки, но оваа можност ја искористија само неколку домашни компании, а ги има стотици. Значи покрај шиењето маски, време е да формираат и свој бренд и да ги промовираат своите брендови пред домашните потрошувачи, на тој начин да го одржат производството и да дојдат до нови клиенти – посочува Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Бошков додава дека неизвесноста кај нас и во Европа и понатаму е голема и тешко е да се каже што ќе се случува следните месеци, што е многу негативно за сите бизниси.
– Тешко е да се зборува за тоа колкав ќе биде падот на домашната економија, но неизвесноста ќе нѐ следи и во следниот период. Можеби во следниве месеци мало придвижување ќе направат производителите на зимници, ние како земја со голем потенцијал за производство на земјоделски продукти имаме голем избор на зимница, која може да се произведе и можеби овој сектор делумно ќе ги компензира работите. Но од друга страна, продажбата на нови автомобили се одвива со очајно темпо, поради што очекувано е тоа да ги погоди и домашните компании што произведуваат за некои од светските производители на автомобили. Би напоменал само дека сега мора да се насочиме на сѐ што е локално, да трошиме локални производи, да патуваме и да поддржуваме локални туристички дестинации, и домашното е квалитетно, а на тој начин заеднички ќе ја поддржиме домашната економија – посочува Бошков.
Во текот на викендов од Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) побараа што побрзо да се формира новата влада, за да се донесе нов сет антикризни мерки, особено за текстилната индустрија.

Според претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, производството на заштитна опрема и маски стагнира, а работодавците алармираат дека на голем број конфекции им се заканува затворање поради намалената побарувачка од партнерите и затоа што голем број работнички не се на работа и се во домашна изолација поради коронавирусот.
– Неопходни се сет мерки за помош на работодавците и за да се зачуваат работните места во текстилната дејност. Анализата на кластерот за текстил покажала дека е можно отпуштање во овој сектор, особено ако пандемијата продолжи до крајот на годината. Тоа и в година би значело помала ликвидност и повеќе изгубени работни места – посочи Димитров, кој дополни дека еден од моделите што би бил од полза за компаниите е германскиот модел каде што трошоците за работниците за четири часа ги намирува работодавецот, а преостанатите четири часа државата. Тој истакна дека ниту една од големите текстилни компании не се нашла на списокот на фирми што ги злоупотребиле парите од државата и истакна дека Владата треба строго да контролира дали парите стигнале до вработените и веднаш да ги објавува оние што не извршиле исплата.

Во претходните денови со свои барања излегоа и туристички работници, кои бараат промена на протоколите за работа и продолжување на мерката за субвенционирање на платите во секторот. Од туристичкиот сектор посочуваа во неколку наврати дека многу од компаниите, особено туристичките агенции, се пред банкрот, поради што бараат помош од државата.