Напорите за унапредување на странските директни инвестиции треба да бидат придружени со одредени владини стимулации, но пристапот на Владата има за цел натамошно поврзување и развој на локалната економија во партнерство со компаниите што работат во технолошките индустриски развојни зони во земјата, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната министерската панел-дискусија во рамките на Европскиот самит на слободни зони во Скопје.

– Еднаквиот третман на домашните и странските инвеститори придонесе за намалување на јазот меѓу нив, а целта е понатаму да се зголеми вработеноста и да се стимулира зголемувањето на нето-платите – појасни Бектеши.
Тој додаде дека и Бугарија има проблем со недостигот на квалификуван кадар, што е еден од клучните предизвици и за нашата земја.
– Најголемиот проблем на Бугарија е недостигот од работна сила, па оттаму е потребата заеднички во партнерство со земјите од регионот да се работи на произведување квалитетен кадар што ќе биде оспособен да работи со висока технологија, карактеристична за компаниите присутни во технолошките зони – споменува генералниот директор на Националната компанија за индустриски зони во Бугарија, Антоанета Барес.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски, упати порака дека државната помош не е најважната работа, туку создавањето квалификувана работна сила.
– По квалификуваната работна сила доаѓа инфраструктурата што ја нуди зоната, па на крајот доаѓа државната помош – вели Младеновски.
Со ваквиот став се согласи и Драган Костиќ, директор на одборот на Светската организација на слободни зони и директор на слободната зона Пирот.
– Главниот предизвик за зоните е брзо и ефикасно да ги обезбедат потребните услови за компаниите заинтересирани за инвестирање, како што се инфраструктурата и царинското управување – додаде Костиќ.
Директорот на Организација на грчки претпријатија, Стерјулис Григорис, потсети на бизнис-форумот меѓу компаниите од Грција и нашата земја што неодамна се одржа во Скопје.

– Би сакал да нагласам дека Грција целосно ја поддржува вашата земја што поскоро да влезе на пазарот на Европска Унија. Државите од регионот имаат потреба од економска соработка и на тој начин сите ќе имаме подобри резултати.
По завршувањето на министерската панел-дискусија беше потпишан договор за соработка помеѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони. Е.Р.