Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопанствениците предвидуваат наредниот период да биде релативно стабилен, со поволна економска состојба, но посочуваат дека недостигот од стручен кадар веќе прави сериозни проблеми

Недостигот од квалификуван стручен кадар е клучниот ограничувачки фактор за да се постигнат подобри резултати во стопанството, иако големо влијание имаат и недоволната побарувачка на домашниот и на странскиот пазар, сметаат компаниите членки на Стопанската комора на Македонија. Тие предвидуваат наредниот период да биде релативно стабилен, со поволна економска состојба, но посочуваат дека недостигот од стручен кадар веќе прави сериозни проблеми.

– Деловните тенденции за првите 11 месеци од минатата година дефинитивно покажуваат дека недостигот од квалификувана работна сила со 28,6 отсто е најголем ограничувачки фактор за развој на домашната економија, по што следуваат недоволната домашна побарувачка со 16,2 отсто и недоволната странска побарувачка со 15,7 отсто. Затоа мора да се работи на сите аспекти да се обезбеди квалификувана работна сила за стопанството, доколку сакаме да добиеме подобри резултати наспроти она што веќе е позитивен тренд од 2018 година – истакна Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Борис Тримчев од СКМ посочи дека главна цел на комората е земјава да се придвижи кон дуалниот систем на стручно образование, како и да се воспостави, во контекстот на доживотно учење, систем за валидација на неформално и информално учење и сертифицирање на лица што стекнале знаења, вештини и компетенции во текот на животот, а притоа немаат добиено соодветна валидна потврда, која е признаена на пазарот на трудот.

Од комората препорачуваат да се изградат силни механизми што ќе ја засилат и подобрат финансиската поддршка на учениците во текот на нивното школување за да се зголеми атрактивноста на стручното образование, да се подобри практичната работа на учениците како во училиштата, така и кај работодавците во реални услови.

Оттаму сметаат дека е потребно да се воведат и стимулациски мерки за бизнис-секторот за негова поголема вклученост и соработка со средните стручни училишта, стимулативни мерки за наставниците, но и можност за наградување на учениците што учествуваат во создавањето приходи преку училишните економии, како и подобрување на состојбата на стручните училишта со лаборатории, работилници, нагледни објекти, опрема и потрошен материјал.

– Вклучени сме во речиси сите работни групи што се занимаваат со проблематиката за воведување дуален модел на стручно образование и имаме направено голем исчекор, особено во делот на реализација на практичната работа во компании. Комората е чинител што ги верификува компаниите за реализација на програмите за практичниот дел. Во постојана соработка сме со компаниите и гледаме да ги насочиме како да го подобрат целиот процес кај нив – појаснува Тримчев.

Тој додава дека имајќи предвид дека компанијата не е образовна установа, тие како комора настојуваат да отворат некои делови во компаниите, кои ќе можат да преземат дел од образовната дејност.

– Сметаме дека со таквиот модел на образование можеме да постигнеме приспособување на понудата и побарувчката на пазарот – вели Тримчев.

Како што нагласи тој, веќе има компании што нудат стипендии за учениците во делот на средно стручно образование, но дека комората сака да воведе системски промени, а не адхок-решенија, кои нудат краткорочни резултати на пазарот.

– Главниот носител на пазарот на трудот е формалното стручно образование, кое треба да обезбеди волумен и квалитет во делот на понудата, но бидејќи се менуваат потребите на пазарот сметаме дека неформалното образование може да го премести тој краткотраен јаз. Сепак, се фокусираме на формалното образование, дека токму тоа треба да обезбеди квалификувана работна сила. Нѐ радува фактот што од година на година драстично се менува бројот на компании, кои првично вложуваат во развојот на својот кадар, но вложуваат и во соработката со средните стручни училишта како дел од нивната корпоративна политика – објаснува Тримчев.

Најголем недостиг од квалификуван работен кадар во земјава има од металската струка, услужните дејности, туризмот, ИТ-секторот и во машинската и градежната струка.